Животните подеми и падови на легендарната пејачка Тина Тарнер ќе бидат преточени во биографскиот стрип, објавен од издавачката куќа „Тидал вејв“, кој ги опишува растењето на Тарнер во Тенеси, нејзиниот успех на музичката сцена, борбата против малтретирањето од нејзиниот поранешен сопруг Ајк Тарнер и нејзиниот соло-успех и враќањето на сцената.
– Животот на Тина Тарнер досега е виден во неколку документарци, филмови, мјузикли на Бродвеј, па зошто да не биде отсликан и во стрип. Сметаме дека е важно читателите да имаат инспиративни модели и да учат од исклучителни личности што ги надминале сите животни предизвици и неволји и со своето опстојување донеле промени во овој свет – вели издавачот на стрипот Дарен Џ. Дејвис.
Стрип-изданието за животот на Тина Тарнер е дел од серијата „Женска моќ“, која досега има објавено стрипови за Доли Партон, за потпретседателката на САД, Камала Харис, и за поранешната прва дама Мишел Обама.
Патем, Тина Тарнер пред некој ден го прослави својот 82. роденден, а во октомври годинава по вторпат беше примена во Куќата на славните на рокенролот.