Морските биолози очекуваат да видат и пронајдат сè во големи длабочини на океаните, но заб на мамут сигурно не е една од тие работи.
Биологот Стивен Хадок и пилотот на подморницата Ренди Прикет првпат го забележале забот во 2019 година, но мислеле дека е заб од слон. Како членови на Институтот за истражување на заливот Монтереј, тие тогаш истражувале подводна планина на околу 300 километри од брегот на Калифорнија.
Хадок и Прикет во јули годинава се вратиле на истото место, бидејќи тогаш не успеале да го извлечат забот со таа експедиција. Со помош на подморницата „Док рикетс“, овој пат на длабочина од 3.070 метри успеале да подигнат заб долг над еден метар.
Кога го извадиле на брегот и го анализирале, потврдиле дека му припаѓа на вид на изумрен колумбиски мамут (Mammuthus columbi).
– Во длабочините на морињата и океаните наоѓаме многу фантастични видови животни за кои луѓето не би верувале дека постојат. Но да се најде заб на мамут толку длабоко и толку далеку од брегот е најнеочекуваната работа – изјавил Хадок за порталот „Гизмодо“.
Забот, кој сѐ уште не е официјално датиран, е исклучително добро зачуван поради студената средина и високиот притисок што владее на таа длабочина. Палеонтологот Даниел Фишер од Универзитетот во Мичиген вели дека се случило остатоци од мамути да бидат пронајдени и извадени од океанот, но никогаш толку далеку од брегот и не на толку голема длабочина.