Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер, неговата омилена платформа за комуникација со јавноста, ја нарече „коњска фаца“ порно актерката Сторми Даниелс, која тврди дека имала врска со него.

Сојузниот суд во Лос Анџелес во понеделникот ја отфрли тужбата за клевета која против претседателот ја поднесе Даниелс. Судијата пресуди дека претседателскиот твит за кој Даниелс вели дека е клеветнички, всушност е право на претседателот на слобода на говорот загарантирана со Првиот амандман во американскиот Устав.

Задоволен заради таквата одлука на судот, американскиот претседател, кому не му е туѓа употребата на погрдни имиња на сметка на неговите политички противници, како ниту критиката на телесниот изглед на жените, се нафрли на Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд.

-Сега можам да ја нападнам Коњската фаца и нејзиниот третокласен адвокат – напиша Трамп од Белата куќа.

Даниелс тврди дека со Трамп во 2006 година имала сексуална врска во време кога Меланија го роди нивниот син.

Сторми Даниелс веднаш му одговори на претседателот.

-Дами и господо, ви го претставувам вашиот претседател – порача и го обвини дека „уште еднаш“ ја покажал „својата некомпетентност, својата омраза кон жените и неспособноста да се контролира“.

– Готово е, минијатурен…- заклучува Даниелс очигледно алудирајќи на неодамна објавената книга во која детално ја опишува анатомијата на Доналд Трамп.