Легендарната рок-група „Ганс енд роузис“ одлучи да им се спротивстави на правилата, па иако нивните колеги го прават спротивното, тие непречено продолжуваат со светската турнеја и неодамна настапија во Мексико.
Организаторите на концертот добија голем број критики поради поддржувањето на одлуката на бендот да ја продолжи турнејата, но наспроти сѐ концертот во Мексико беше успешен.

Бендот го свиреше вообичаениот репертоар, а обожавателите ги почестија и со изведбата на песната „So Fine“, што во живо не ја свиреле уште од 1993 година.
Популарните „Ганси“ беа принудени да откажат неколку настапи во САД, но сѐ уште планираат да настапат во Доминиканската Република, Гватемала, Еквадор и во Португалија. Концертите што требаше да се одржат во Чиле, Аргентина, Колумбија и во Бразил се одложени за ноември и декември годинава, пренесе списанието „Ролин стоун“.
Турнеите на: „Прл Џем“, Боб Дилан, „Кис“, „Иглс“, Били Ајлиш, Мадона и многу други се откажани поради пандемијата на коронавирусот, но „Ганси“ одлучија да го продолжат концертниот пат и да не дозволат никој да ги спречи во тоа.