Студиото „Ворнер брос“ во своето официјално соопштение објави дека ќе се снима трет дел од „Вондер вомaн“. Гал Гадот по третпат ќе ја глуми Дајана Принс, а сценарист и режисер пак ќе биде Пети Џенкинс, како и во претходните два филма.

Веста беше објавена откако на Божиќ во ограничен број на киносали и на стриминг сервисот „Ејч-би-о макс“ премиерно се прикажа „Вондер воман 1984“, вториот дел од трилогијата.

„Ворнер брос“ најавува дека и третиот филм ќе има има стандардна кинопремиера и дистрибуција.

– Обожавателите ширум светот сѐ повеќе ја сакаат и ја прифаќаат Дајана Принс во улога на Вондер воман. Силниот одзив за премиерата на „Вондер воман 1984“ овој викенд, ни покажа дека обожавателите ги сакаат филмовите за неа, затоа сме возбудени што можеме да го најавиме продолжението и завршниот дел од трилогијата за хероината – рече Тоби Емерих, менаџер на „Ворнер брос“, без да наведе повеќе детали.

„Вондер воман 1984“ заработи 16,7 милиони долари од 2.100 киносали во Северна Америка, што е најдобар резултат за премиера во време на ковид-пандемијата. Во однос на гледачите „Ејч-би-о макс“, студиото соопшти дека во петокот скоро половината од претплатниците го гледале филмот.