Познатиот македонски пејач на забавна музика Александар Тарабунов по неколку месеци принудна пауза и музичка илегала поради новонастанатата ситуација со пандемијата на коронавирусот, конечно има нов сингл и видеозапис. Станува збор за темата „Нема крај“, негово лично авторско дело и го означува почетокот на неговата кариера како кантавтор.

– Времето поминато во карантин го искористив за да творам. Направив мало студио во својот дом, се посветив на музицирање, а прв производ од мојата „музичка кујна“ е токму темата „Нема крај“. Aранжманот го сработив заедно со Роберт Билбилов, кој му даде светски призвук на рефренот и целосно ја среди продукцијата, додека, пак, текстот го напишав јас заедно со Зоран Зонде Стојановски, кој се потпишува и како режисер на спотот – открива Тарабунов.

Кадрите за видеото се снимени на две локации, во Скопје и во Преспа, а спотот изгледа како парче од филм. Покрај Тара, во дел од кадрите се појавува и манекенката Сара Дојчиноска.