Незадоволни од мерките на Владата

Иницијативата за враќање на музичките настани на музичарите и музичките работници, „Музика – сега“, и нејзините досега вклучени 1.400 члена, најостро реагираат на последните одлуки на Владата, објавени во „Службен весник“ на 23 јуни, со кој сѐ уште се забрануваат секаков тип организација на музички настани на отворен или во затворен простор во угостителските објекти за исхрана и покрај фактот што последните петнаесетина дена, се донесени многу мерки со кои се укинуваат претходните ограничувања за голем дел од секторите од индустријата (барови, фитнес-центри, казина, отворање на границите без потребни ПЦР-тестови и задолжителна самоизолација и сл.)
Истата одлука се содржи во членот 15 од делот што се однесува на угостителските објекти за исхрана.

Во писмото со протоколите, кое е објавено пред неколку дена од самата иницијатива, се предложени многу мерки во согласност со препораките на СЗО и локалните релевантни фактори за зачувување на општото здравје и спречување на ширењето на ковид-19, а за итно враќање на музичките настани под одредени протоколи!
– Бараме итна средба со одговорните за носењето на мерките и одлуките со кои е направен овој пропуст, кој оди директно на штета на илјадници музичари и музички работници, кои деновиве се борат со проблеми од егзистенцијална природа по затворањето или ограничувањето на можноста слободно да работат и да заработуваат, а директно поврзано со донесените рестриктивни мерки и нивното олеснување, за кој, очигледно засега, се нема слух! – велат од „Музика – сега“.