Кога од перверзивните рифови и бинарните ритми на урбаниот блуз, од буги-вуги тактот и профаните деривативи на религиозната музика, блузот и ритам и блуз-музиката, кои во контакт со кантри и вестерн-музиката, го изнедрија рокенролот, мислам дека животот ни стана токму тоа – рокенрол. Кога го велам ова, пред сѐ мислам дека или живееш рокенрол, или ама баш немаш поим што е тоа. А токму рокенролот годинава навршува 65 години од своето егзистирање, музицирање, лудување. Но што е рокенрол? Тоа е популарна музика што структурно се разликува од класичната и современата музика. Истражувачите и проучувачите на рокенролот, Сајмон Фрит и Џорџ Луис, дури велат дека тој е и популарна култура. Ако е така, а така е, јас дополнувам дека рокенролот е и уметност. Да, уметност, бидејќи покрај тоа што е музички жанр, тој е и културен, социјален и општествен феномен. Овој вид музика денес е безмалку единствена форма на модерно изразување во кое можат да се воочат сите елементи на уметноста, истите оние според кои како уметност се дефинира сликарството на авангардата на 20 век или, пак, филмскиот експресионизам.
Годинава се навршуваат и 50 години од „Вудсток“. Кој би рекол. Чистокрвните рокери бе рекле како вчера да беше. Кога денес би ги прашале подостарените бивши рокери, веќе навлезени во седмата деценија од животот, која им е прва асоцијација на лудите шеесетти години, чинам сите во еден глас ќе изговорат – „Вудсток“! И сега, дали ние се сеќаваме што беше тоа „Вудсток“. Тоа е неверојатен феномен, замислен како саем на музика и уметност под мотото „Три дена мир и музика“, кој се одржа во август 1969 г., во Вајт Лејк, близу Бетел и Вудсток, во сојузната држава Њујорк. Во таа авантура, „Вудсток“ е повеќе од слободен секс, уживање дроги и консумирање рокенрол-музика.
Токму таа музичка авантура постави сцена на која настапија најголемите имиња на рок-музиката во тоа време. Се создаде нераскинлива врска помеѓу политиката, општествениот ангажман и рокенролот. Преку песна, музика, пароли и протест се испратија пораки на слобода, љубов и мир низ целиот свет. Големината на таа генерациска порака до ден-денес не е надмината. Целосното поимање на овој феномен бара претходно познавање на промислувањата на генерацијата битници, животот и филозофијата на хипи-генерациите и, секако, првата и втора генерација рок-музичари од 1950-тите и 1960-тите, кои беа во креативен занос и создадоа музика со моќна порака, и ден-денес актуелна и слушана.
Токму овие два јубилеја бараат да направиме социолошка анализа на генерациското доживување, при што ќе ги расветлиме музичките, културолошките и историските аспекти на феномените рокенрол и „Вудсток“, кои како временска капсула се катапултирани во просторот и времето и опстојуваат преку рокенрол-живеењето. Како што напред спомнав, годинава се заокружуваат 65 години од појавата на рокенролот и неговото континуирано присуство во културните и општествените збиднувања на јавната светска сцена. Како револт и бунтовништво на младите тинејџери од 1950-тите, првин беше супкултура, потоа, кога храбро се спротивстави на авторитетите и целиот државен естаблишмент, еволуира во контракултура, за на крајот, кога стана општоприфатен стил на живот (она што некогаш беше револт стана стил на живот), да прерасне во популарна култура. Тоа значи дека рокенролот не е само музика, песна, игра и забава, иако се почна со нив: од Елвис Присли и неговото секси-нишање на колковите, „Битлси“ и нивните „Revolution“ и „Let it be“, Стоунси и нивните „Satisfaction“ и „Let it Bleed“, преку контракултурата на битниците и хипи-движењето, сексуалната револуција, летото на љубовта, „Вудсток“ и три дена љубов, мир и рокенрол, вудсток-генерацијата и вудсток-нацијата, до Џими Хендрикс и неговата гитара, Џенис Џоплин и нејзиниот незаменлив глас, Боб Дилан и Џоан Баез и нивните протестни песни, Леонард Коен неговата поезија и кадифениот глас, Дорси, и бунтовниот Џим Морисон, времето и начинот на живот на „Голи во седло“, децата на цвеќето, моќта на цвеќето, попрок-фестивалите во Монтереј, Калифорнија, и островот Вајт, Велика Британија, мјузиклот „Коса“, филмовите со Марлон Брандо и Џејмс Дин, „Живеј брзо, умри млад и биди убав мртовец“ и „Клубот 27 на млади, славни и мртви“… Сето ова е многу повеќе од само музика и затоа рокенролот колку што е музика, толку е и идеологија. Не е само уметност туку и поглед на свет. Дури и религија со свои свештеници, култ и верници. Токму затоа, најголемата културна сензација на 20 век е рокенролот – музиката што неповратно го промени светот. Со овој есеј, правам скромен обид на денешните млади генерации да им го доближам рокенрол-живеењето од 1960-тите до крајот на 1990-тите, а повозрасните за миг да ги потсетам на младоста и неповторливиот „Вудсток“, заедно со фактот дека животот е рокенрол.
Сотир Костов