Момците од „ДНК“, Панчо и Андреј, подготвија посебна новогодишна и божиќна музичка честитка за сите свои обожаватели. „Кога би знаела сѐ“ е новата песна на Панчо и Лазар Цветковски, односно музиката е заедничка, текстот е на Панчо, додека аранжманот е дело на Лазар. Станува збор за љубовна песна, за која видеото е снимено во Чикаго, САД.
Ова е всушност прво видео на „ДНК“ што е снимено надвор од нашите граници, а интересно е и по тоа дека во него Панчо и Андреј ги има само во неколку кадри. Тие се во улога на улични музичари забавувачи, додека околу нив се развива љубовната приказна меѓу боксерот (Гого) и девојката Тина, која работи во фитнес-салата во која тој тренира.
– Боксерот ја гледа девојката, веднаш се вљубува, се запознаваат, ја прашува да излезат… Следува прошетка по шеталиштето во Чикаго, вечера… Токму на вечерата Гого ѝ ја покажува поканата за својата прва професионална борба, која е одлична можност да го оствари својот сон. Следуваат борбата и победата, но Гого не успева да победи и кога е љубовта во прашање… Не успева да ги покаже своите чувства и да ѝ докаже на Тина колку му значи – информираат од „ДНК“.
Главните улоги во видеото, односно вљубениот боксер и неговата девојка ги глумат Горјан Славески-Гого, Македонец што живее во САД, каде што заминал за да го оствари својот боксерски сон, девојката Тина ја глуми Емет Мекговерн Џр, ривал на Гого му е Џозеф Браун, папараци се Силвиа Круз и Давид Бркљач. Тука се и Ненад Инчевски, Џејсон Брендсетер, Вејн Грегори, Сенад Дрпљанин.
Мастерингот е на „Стрики видео бај Црни Срби продакшн 2019“, извршен продуцент е Ненад Инчевски, режисер Никвишуалс, продуцент и асистент на режија Давид Бркљач. Уредник и стилист е Џибри Бел, а шминката е на Џозеф Браун.
– Уживавме додека го правевме видеото. Некако се погоди ова да е прв спот што го работиме надвор од нашата земја и да е, ете, во САД. Работевме со голема и, пред сè, мошне професионална екипа, која го даде својот максимум, па не се ни сомневавме дека ќе имаме одличен краен производ. Искрено веруваме дека и публиката ќе го дели нашето мислење – изјави Панчо.