Зад нас е 34-тото издание на фестивалот „Макфест“, а вие сте негов ументички директор втора година. Дали сте задоволен од постигнатото, од финалниот звук, песните, изведбите, соработниците и што е она што овој фестивал ќе го разликува од претходниот, но и од сите други?
– Дефинитивно за мене по многу нешта, но пред сѐ учеството на многу изведувачи и автори кои оддамна не биле присутни на „Макфест“, неверојатно големиот број на добри вокални интерпретатори на фестивалот, одлични, необични и модерни сценски настапи, учество во натпреварувачкиот дел на одличните интернационални изведувачи – „Фрајле“ и Јасмин Лопез, присуството во публика на Председателот на државата, по многу години, господинот Стево Пендаровски и уште многу други работи, но ете се одлучив за овие.
„Макфест 2019“ ќе остане запаметен по емотивните музички приказни на ветераните (пред сѐ Росана и Александар Митевски и Дац, Коки и „Тајфата“, Дексо и Принц, Тоше Поп Симонов и „Фрајле“. Навистина беше убаво повторно да се слушнат на сцената, со многу емоции и квалитетни песни, кои ќе останат запаметени. Дали се согласувате?
– Се согласувам, но би го додал враќањето и на Алесандар Масевски како автор, а и присуството на авторите, кои исто така после подолг временски период, од минатата година се повторно на „Макфест“ – Весна Малинова, Роберт Билбилов, Дарко Тасев и Хари Котларовски, ако заборавив некој, да не ми се налути.
Исто така и помладите учесници и дебитантите се покажаа во извонредно светло, па слушнавме одлични изведби и допадливи песни. Задоволен ли сте од новата генерација пејачи на кои „Макфест“ широко им ги отвори вратите?
– Да задоволен сум, и тоа премногу. Дебитантите од оваа година, заедно со дебитантите од минатата година, Мина Блажев и Барбара, дефинитивно го донесоа модерниот звук на „Макфест“, покажаа дека вокално се на високо ниво, а за сценските настапи секоја чест.
За вас овој „Макфест“ ќе остане запаметен и по тоа што станавте татако, искрени честитки! Но и кога, од оправдани прични не бевте во Штип, таму беа вашите соработници и се течеше добро. Овојпат и звукот беше одличен, за што секако голем удел има и Тино Скендеровски. Но цедиња овојпат немаше, дали можеби наскоро 30-те нови фетсивалски рефрени ќе бидат забележани и на носач на звук?
– Благодарам за честитката. Јас лично по тоа највеќе ќе го паметам овој „Макфест“. Инаку навистина му благодарам на Валентино Скендеровски, кој ми помогна со тоа што беше таму каде што трeбаше јас да бидам, на проби, прес-конференции, а наскоро се подготвува и издавање на цеде со псните од годинашниот „Макфест“, на што повторно е ангажиран Валентино Скендеровски.
И овојпат не изостана препознатливата макфестовска дружба, која на сите многу им значи. Росана си спомена за нејзините претходни учества во златните денови на фестивалот, а и Коки, Александар, Весна Малинова споделија убави спомени, велејќи дека фестивалот се движи во добра насока. Каков е вашиот впечаток?
-Нормално дека не изостана. Разликата е во тоа што порано сѐ се одвиваше во две, три места околу Домот на културата, а сега во Штип има многу повеке локали, дискотеки и ресторани. Така што можеби дружбата е малку пораштркана, но секако дека ја има.
Годинава, можеби заради некоја рестрикција, немаше други придружни манифестации, освен концертот на Тамара кој мина одлично. Немаше и монографија како досега, а според некои мои колеги немало и други услови (недоволно опремен пресс центар, а меѓу барањата беше и сместување за новинарите додека тече фестивалот). Дали тоа е намерен пропуст и има ли шанси вгодина да биде подобро или раководтсвото на фестивалот е на мислење дека секој новинар треба сам да се снаоѓа или со поткрепа на Редакцијата што ја претставува, зашто еден од одгворите на поставените прашања беше дека „Макфест“ не е туристичка агенција за да се грижи за тоа?
– „Макфест“ јас од кога сум присутен, секогаш имал шоу-програм на финалната вечер, а така беше и сега. А одговорот за туристичка агенција, не беше одговор на „Макфест“, туку мој, а беше упатен до двајца познаници со кои се знаеме долго време и беше кажан во сосема друг контекст. Дури на шега тие спомнаа да ги смести фестивалот во „Александар Палас“ во Скопје, бидејки сега е најблизок град со сместувачки капацитети до Штип. Разговорот сѐ уште стои на мојот пост, за првата прес конференција на „Макфест“. Јас само знам и токму тоа и го објаснив во тој разговор, дека градот има проблем со сместувачки капацитети, па затоа и лани и годинава, имаше новинари кои се сместуваа во приватни станови и куќи, бидејки хотелите беа зафатени. Инаку јас би бил најсреќен сите медиуми кои што имаат интерес за македонска музика да бидат присутни на фестивалот. Но сепак тоа не е во моја надлежност.
И годинава изостана наградата за најдобар текст, дали и тоа е во рамките на штедењето?
-Да изостана, и лично сметам дека треба да ја има, но навистина и тоа не е во моја надлежност.
И покрај тоа што немаше претставници на седмата сила, како претходните 33 години, молскавично низ медиумите се прошири веста дека, наводно, едни од уечсниците: Олгица Здравковска, која настапи на сцената со својот брат Огнен Здравковски видела како за време на гласањето некој му дал плико на член од жирито. Досега официјално „Макфест“ не го демантираше ова обвинување. Каков е вашиот став во врска со тоа?
– Не се согласувам дека немаше новинари, имаше,можеби помалку од лани, но минатата година фестивалот го следеа најголем број новинари во изминатите седум-осум години. А што се однесува до изјавата, тоа е за мене малку несериозна и пренапумпана. Значи на секој изведувач и автор им следуваа по два билети од вечер, а сите влезници се чуваа во одделни пликоа. Понекогаш на нив го пишува името на композицијата, понекогаш на изведувачот, а понекогаш на авторот, во зависност од тоа кој ги зема билетите. Дали сите се даваат заедно или на секој член на тимот псоебно. Исто така имаше опција, како изведувач, ако се јавите на време, и да резервирате билети за купување. Барем така беше лани. Зборувам за бројка од 5, 10 билети. Се прашувам, како можете да видите плик со многу билети? Тие се внатре. Како може да видите човек од организацијата, а не сакате да кажете кој е тој човек, па да може тој самиот да објасни за што се работи. Зошто никој не ја искоментира победничката композиција или настапот на победникот, дали бил добар или не. Мислам дека се работи за недоразбирање или можеби малку претенциозна изјава, дадена во афект, што јас можам да го разберам, но не и да и дадам сериозна тежина на истата.
Во јавноста се огласи и Стојан Троицки, еден од творците на „Макфест“ кој вели дека годинава не бил поканет да го следи фестивалот, а досега никој не го ангажирал барем со совет да помогне квалитетот на фестивалот да биде уште подобар. Дали е тоа точно?
– Јас господинот Стојан Троицки навистина го ценам. Тој е човекот што ми дал шанса, како автор и јас да бидам дел од „Макфест“ пред дваесет години. Во саботата, пред финалната вечер, околу 12 часот на пладне тој ми се јави и ми честиташе за изборот на композициите и изборот на годинашните автори и голем дел од нив ги поздрави, а јас поздравот им го пренесов. Зошто не бил поканет навистина не знам, но за тоа се задолжени луѓето од локалната самоуправа, од Општина Штип, која е покровител на фестивалот.
Имаше коментари и дека имињата на членовите на жирито требало порано да се објават, како и за тоа дека годинава немало „телевоутинг“, туку наградите се давале само врз основа на збирот на гласовите од жирито (кое одлучуваше кои песни ќе влезат во финалето) и од присутните во салата, која според некои коментари сите три вечери била полупразна. Што велите на тоа?
– Телевоутинг немаше ни лани, а и не знам како не е јасно, зошто жирито се држи во тајност до крај. Годинава ни јас не го знаев, но морам да ви кажам дека многумина ми се јавуваа и ме прашуваа за нивните имиња, и учесници, но и новинари. Инаку, салата секогаш првата вечер е попразна, а тоа најчесто се должи на фактот дека првото полуфинале е во четврток. Спонзорите кои имаат на располагање по 20-30 билети, најчесто се компании од Скопје и обично доаѓаат на втората и на финалната вечер, а некогаш само на финалната. Плус има карти што се чуваат по протокол, затоа што има покани до високи функционери, кои некогаш доаѓаат, а некогаш не, но тие влезници мора да чуваат. А на финалето постојано недостасува билет повеќе. Така било секогаш во изминативе дваесет години откако сум учесник на „Макфест“, а така е и сега.
Следната година ќе се случи 35-то јубилејно издание на „Макфест“. Што е она што би го смениле најпрво, доколку сте во можност оваа реномирана манифестација, повторно да блесне во полн сјај?
–Да сме живи и здрави. Не знам дали повторно ќе бидам уметнички директор, но мислам дека идната година треба да има ревијална вечер со најголемите макфестовски хитови, а секако и вечер со нови композиции.
М.Т.