Зимскиот салон, на темата „Интимност и интерконекцја“, на Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе биде отворен вечерва, во 20 часот, во Националната галерија, во објектот „Чифте-амам“. Зимскиот салон како изложба е една од најзначајните изложби на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Овој професионален пиетет го добива поради можноста за соработка со куратори историчари на уметноста, како македонски така и странски.
– Учеството и интересот на уметниците членови на ДЛУМ за Зимскиот салон отсекогаш биле големи и предизвикувачки. Пристапот при селекцијата на делата од страна на кураторите ја прави оваа биенална изложба сè поатрактивна од ликовен аспект. Експериментирајќи со сите медиуми на изразување, Зимскиот салон е значаен токму поради тенденцијата, како на кураторите така и на уметниците учесници, да креираат современи и концептуални ликовни формати. Годинашната кураторка Oксана Карповец од Украина, која денес живее и работи во Париз, Франција, на македонските уметници членови на ДЛУМ им предложи многу актуелна и провокативна тема што во себе содржи повеќе нивоа на конципирање со многуслојни асоцијации. „Интимност и интерконекција“ е насловот на годинашниот кураторски проект во кој уметниците креираа и создадоа ликовни концепти со различни ликовни идентитети – вели претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска.
Кураторката Оксана Карповец во својот текст,,Интимност и интерконекција“ потенцира дека: „Не е важно дали уметниците што ја рекреираат оваа интимност во својата артистичка/уметникова практика зборуваат за апстрактна космолошка врска со сè во светот преку небото и ѕвездите под кои сите чекориме; за врската со природата, со земјата или со личната врска, со историските настани што се запишани во нивните семејни истории; или, пак, едноставно го прикажуваат животот и практиките на нивните заедници и пренесувајќи глобално чувство на вознемиреност за иднината на човештвото и планетата“
– Во свет што често се чувствува фрагментиран и поделен, Зимскиот салон на ДЛУМ стои како доказ за моќта на уметноста да ги премости празнините што нѐ разделуваат и да создава врски што ги надминуваат границите. Тоа е вреднување на различноста, емпатијата и разбирањето – потсетник дека, под површината, сите сме поврзани со нишки на споделени емоции и искуства што нѐ обликуваат и исцртуваат како луѓе. Селектираните ликовните дела на оваа изложба со својата сензибилност и директност во уметничкиот израз ја предизвикуваат современата публика на себерефлексија, критичко мислење и сензитивна акција – потенцира претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ, Маја Рауник Кирков. В.Д.