Фото: М.М.

Под мотото „Да се биде“, а во организација на Центарот за култура Битола, синоќа на сцената на Битолскиот народен театар свечено беше отворен 24. по ред Интернационален Фестивал на монодрама кој до 20 мај ќе се одржува во Битола .

Фестивалот беше отворен со претставата „Жени во Собрание“ на НУ Театар Комедија – Скопје. Претставата е работена по мотиви на Аристофан, во препев на проф. д-р Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа предводена од режисерот Ќендрим Ријани.

На фестивалот ќе учествуваат актери од 11 земји – Естонија, Монголија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Косово, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и од Македонија.

Селекторот на фестивалот, актерот Петар Мирчевски рече дека годинава пристигнале најмногу апликации споредено со минатите години, а необично е што најголемиот број на апликации пристигнаа од Израел.

– Во едно вакво време кога сме нападнати од не знам какви се не кризи, да се организира ваков фестивал кој трае девет денови со 13 претстави во официјална конкуренција и две претстави во чест на гостите на свеченото отворање и затворање, да се угостат актери од 11 земји, за мене е рамно на подвиг – Мирчевски. М.М.