Фото: Стојан Кукунешоски

Во рамките на манифестацијата „Вевчанско културно лето 2024“ што е во тек, се одржа промоција на двете најнови остварувања на писателот Димче Парталоски.

Збор станува за книгата „Две драми“ и романот „Мртва коска“ добитник на наградата „Пегаз“ во Скопје. Овој пат покрај романот, писателот Димче Парталоски се јавува и како автор на две драми и тоа: „Сизифоско педигре“ и „До Вевчани преку Струмица“, што всушност е и единствен вид хумористично – сатирична комедија на актуелни теми.

Промотори на книгата се проф. д-р.Васил Тоциновски, истакнат македонски писател и Мишо Китаноски новинар и публицист, но и активист за култура. Тој истовремено е и организатор на сите петнаесет вевчански културни лета – „ВЕВКУЛ ‘24“.

Годинашната манифестација е посветена на два значајни јубилеји: 80 – годишнината од ослободувањето на Република Македонија и 80 години од конечното ослободување на Вевчани (1944 – 2024 г.).

Фрагмент од двете книги на промоцијата читаше младиот вевчански поет Илија Пешиноски, студент на медицинскиот факултет во Скопје.

Промоцијата на двете најнови книги на писателот Димче Парталоски се одржа во духовниот храм – црквата Св. Никола во Вевчани, пред голем број присутни вевчанци и други гости.

Ст.К.