Филип Велковски, уметник
Филип Велковски (1988 г.) е визуелен уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност (2011) на отсекот сликарство со насока графички дизајн, продолжува да ја развива својата пракса во полето на сликарството, уметничкиот активизам и кураторството. Учествувал на неколку групни изложби. Во 2020 г. ја отвора својата втора самостојна изложба „Идиоми“ во културниот центар „Јадро“. Беше дел од „Пливање во лепливото езеро“, колаборативен проект со визуелните уметници Елена Чемерска, Ивана Мирчевска. Во 2018 година, три месеци престојува во Сонгла, Тајланд, каде што работи во Музејот на јужното културно наследство како водич на тури, реставратор и колумнист за локални културни настани. Меѓу другото, ангажиран е и како гостин-професор по дизајн и илустрација на универзитетот „Таксин“ во јужен Тајланд. Освен својата уметничка пракса, Велковски работи и како слободен илустратор, дизајнер на филмски сетови и сценски сликар. Моментално посетува магистерски студии на „Глазгов скул оф артс“ во Шкотска.
Ваше дело влезе во селекција на „РБА рејсинг старс шоу“ во Лондон. За што поточно станува збор?
– Тоа е организација што поддржува млади уметници до 35 години што живеат и работат во Велика Британија и е платформа преку која уметниците се презентираат во професионалната сфера. „РБА рејсинг старс“ e годишна изложба што се организира од 2017 година. На оваа изложба ќе учествуваат 44 ликовни уметници, чие творештво орбитира околу фигуративното сликарство. Аплицирав на отворениот повик со мое дело и мојата апликација беше прифатена. Сликата е дел од серијалот везови/објекти што почнав да ги изработувам за време на пандемијата.
Што сакате да прикажете со вашите дела?
– Моите дела претставуваат еден вид колажи од мотиви и форми, преку кои се обидувам да ги сублимирам комплексноста на мисловниот процес, мистеријата на интенцијата и моќта на зборовите. Често користам текст како ликовен елемент, текстури и различни материјали, со цел да предизвикам прашања што се надевам дека гледачот ќе ги одговори врз основа на своите искуства и мисловни процеси.
Во фокусот на вашето творештво се соништата и маргиналната митологија, што најсилно ја провоцира вашата креативност?
– Патување, запознавање нови луѓе, одење на изложби, читање и вежбање борбени вештини се дел од активностите што ја предизвикуваат мојата креативност.
Со кои зборови ги опишувате вашите дела?
– Не би сакал во зборови да ги опишам моите дела, затоа што ги сметам за визуелни искуства и мојот текстуален опис би ги уништил.
Работевте и престојувавте професионално ангажиран во Тајланд, какво влијание имаше оваа земја врз вашиот уметнички дух?
– Како што би опишал Ентони Бордеин, во Тајланд открив нов сет бои што не знаев дека постојат и сфатив дека мојот дотогашен живот бил црно-бел…
Експлозијата на бои, мириси и вкусови, несомнено ги сменија моите визуелни стандарди. Три дена во неделата работев во Универзитетот на јужен Тајланд како професор по дизајн и англиски јазик и два дена работев во Музејот на јужни студии како водич, реставратор и пишувач на колумни за локални културни и религиски настани. Тајланд и генерално азиските земји за мене се голем извор на мотивација и идеи. Се надевам наскоро ќе имам шанса пак да патувам во тој дел на светот…
На мастер-студии сте во „Глазгов скул оф артс“ во Шкотска? Што точно студирате?
– Стидирам мастер-курс: пракси во ликовната уметност – насока сликарство. Школото е едно од највисоките рангирани школи за уметност во светот. Тоа е така поради одличните работилници, техничари, уметници ментори, но и системот на комуникација, кој е воспоставен помеѓу студентите – менторите – јавноста. Тоа е многу пријателска и поттикнувачка средина. Менторите го валидизираат и насочуваат трудот на студентите кон современите практики на ликовно творење. Најбитно од сѐ, според мене, е пријателската и опуштената атмосфера што доминира во институцијата, која е пресудна за креативниот поттик на студентите.
Во кој правец сакате да се надградувате како уметник?
– Почнав да работам скулптури и објекти што произлегуваат од моите цртежи и слики. Мојот интерес од сликарство се префрли на просторна уметност, благодарение на одличните работилници за метал, дрво и леарски работилници, кои им се достапни за користење на сите студенти од институцијата.