Наградата „Прозарт“, која интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 12. пат му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на српскиот писател Владимир Пиштало. Наградата ќе му биде врачена во „Даутпашиниот амам“ на 17 септември.
Станува збор за писател што ги означи еволуцијата и достигнувањата на современата српска проза при крајот на 20 и почетокот на 21 век, како што стои во образложението за доделување на наградата.
– Тоа што го возбудува секој приврзан читател кон прозата на Пиштало е еден многу редок спој на изграден стил и експериментаторски нагон: тој како шетач низ просторот и времето многу внимателно ги забележува деталите на животот, а од друга страна го искушува обликот на пишување. Оттаму наградата „Прозарт“ сосема заслужено и праведно му припаѓа на еден од големите балкански мајстори и иницијатори на создавањето врвна проза на овие простори – се наведува во образложението за доделувањето на „Прозарт“.
Претседател на комисијата е Ермис Лафазановски, а членови се Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
Владимир Пиштало ја објавил својата прва приказна во списание уште кога имал 18 години, а првата книга уште на 21 година. Како студент ја основал книжевната група „Белградско производство на соништата“. Тој објавил 14 книги белетристика, од поетска проза до романи: „Сликовница“, „Ноќи“, „Манифести“, „Крајот на векот“, „Корто Малтезе“, „Витраж во сеќавањето“, „Александрида“, „Приказни од целиот свет“, „Милениум во Белград“, „Тесла, портрет со маски“, „Венеција“, „Сонцето на овој ден: писмо до Андриќ“, „Значењето на Џокерот“ и „Песната за три света“. Неговите раскази се вклучени во сите поголеми антологии на српската проза. Неговата книга „Тесла, портрет со маски“ е преведена на 20 јазици. Неговиот роман „Милениум во Белград“ е преведен на десет јазици. Неговиот роман „Тесла, портрет со маски“ е награден со книжевната награда НИН за најдобар роман, која е најпрестижна литературна награда во Србија.
Освен Пиштало, гости на 12. издание на фестивалот ќе бидат познатиот хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш од Бугарија, Мајк Дауни од Велика Британија, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија и домашните претставници Виолета Танчева-Златева и Ѕвездан Георгиевски.