фото: Приватна архива

Не е вистинита веста дека е формирана нова писателска асоцијација – Македонски центар за литература, реагираат од Македонскиот центар за литература откако утрово до медиумите стигна допис дека осамнала нова асоцијација.
– По бројните турбуленции изминатиов период во Друштвото на писателите на Македонија, поголема група писатели и издавачи одлучи да основа нова асоцијација на македонските писатели – Македонски центар за литература.
Основачи на Македонскиот центар за литература се: издавачите Ненад Стевовиќ и Светлана Кочовска – Стевовиќ, како и преведувачите и автори Владимир Јанковски, Иван Шопов и Николина Андова – Шопова. Претседател на асоцијацијата е Владимир Јанковски. Дејноста на асоцијацијата е врз база на слободно пристапување и зачленување, а од неа се дел видни писателски имиња од македонската литература – стои во мејлот утринава испратен до медиумите од електронската адреса [email protected].
Македонски центар за литература не е писателска асоцијација туку здружение на граѓани.
– Ве информираме дека ова не е официјално соопштение на Македонскиот центар за литература. Исто така, Ве информираме дека контекстот на основањето на здружението не е поврзан со „бројните турбуленции изминатиов период во Друштвото на писателите на Македонија“. Македонски центар за литература е организација која не е асоцијација на писатели, ниту нејзините активности се поврзани со случувањата во Друштвото на писателите на Македонија. Целта на здружението Македонски центар за литература е промоција на литературата и културата на читање. Едноставно некој направил лажна адреса на џимејл, и од неа пратил соопштение, кое е лажно и кое нема врска со целите и активностите на Македонскиот центар за литература, ниту за контекстот во кој е формиран – вели Владимир Јанковски, писател и претседател на Македонски центар за литература.