МКЦ го најавува и 47-то издание на Младиот отворен театар (МОТ), еден од најстарите театарски фестивали во регионот со интернационална програма, кој ќе се одржи од 10 до 19 ноември, со 23 продукции, односно 25 програмски активности. Ова издание на МОТ е особена мотивација, бидејќи се случува во годината на јубилејот „50 години МКЦ“, кога тимот на МКЦ одлучи и покрај сè – МОТ да го има.
Фестивалската програма започнува со дуодрамата од домашна продукција на Народниот театар – Битола со „Кислород“ на Иван Вирипаев, во режија на Иван Јерчиќ, која ја најавува и програмската определеност на фестивалот кон домашната продукција, во чест на повеќедеценискиот програмски уредник и директор на МОТ, Љубиша Никодиновски-Биш, кој почина оваа година.
Меѓународната фестивалска програма на МОТ започнува на 11 ноември со „Можат ли птиците да се забавуваат?“ по текст на Тијана Грумиќ, а во режија на Никола Исаковиќ, претставата на „Битеф театар“, која нѐ потсетува дека светот не е и не треба да биде антропоцентричен. Соработката на МКЦ со Атина и „Епидариус фестивал“ од Грција, ја носи „Република Баклава“ на фестивалот, како и соработката со „Апстракт театар“ од Велика Британија, кој стигнува со „Ред планет“, а од регионот стигнуваат „Ана Каренина“ од Црна Гора, „Блискост на допирот“ од Србија, „Андер констракшн“ и „Сед Сем олмост 6“ од Словенија. Домашната продукција ќе ја претстават „Демони“ на Народниот театар – Битола, потоа гостуваат НУЦК „Антон Панов“ – Струмица со „Циркуз Пирандело“, Турскиот театар со „Шопинг и факинг“, „Градот како сцена (Изгубени модернистички утопии)“ на ФРУ/АКТО, „Скопјани“ на Театар за сите, „Глумици“ на Артопија, „Процес“ на Ивица Димитријевиќ, „Создаваме град, градиме иднина!“ на Симона Димковска.