Нада Поп-Јорданова, академик

„Генијалност и/или лудило“ е новата книга на професорката Нада Поп-Јорданова, која последниве години како членка на МАНУ исклучиво се занимава со научни истражувања од областа на невронауката.

На какви податоци наидовте вие, дали креативноста е условена од ментално растројство?
– Како доктор по медицина, психолог и невронаучник најголем предизвик ми било истражувањето на емоциите кај хуманиот род, зашто сметам дека луѓето се разликуваат од другите видови, но и од артифициелната интелигенција, токму поради емоциите. Од друга страна, креативноста (создавањето нешто ново) несомнено е поврзана со емоциите. Човек без емоции нема нагон за создавање ново, ниту пак има чувство за убавина. Дополнително на ова, музиката како креативна уметност има својство да ги намалува напнатоста, лошото расположение, да релаксира, а кај најмалите да го стимулира севкупниот психофизички развој. Сите уметници (тука спаѓаат и музичарите) отсекогаш биле сметани за многу сензитивни луѓе, кои низ своите дела можат да ги пренесуваат животните случувања, заедно со радостите и страдањата, успесите и паѓањата. Во моето истражување, базирано на објавените медицински биографии, се потврдува дека големите композитори во голем број имале растројства на расположението, но и други психопатолошки растројства што биле трансгенерациски пренесувани.
Постоело верување дека туберкулозата е тесно поврзана со генијалноста и креативноста. На што се должат овие флуктуации во расположението?
– Сите кризи, депресивни/манични, опсесивности или стравотии, како и растројства на исхраната се поврзани со нарушување на емоционалната рамнотежа. Речиси да нема голем композитор што не минал низ вакви емоционални кризи. Можеби затоа уште големиот Достоевски нагласил дека без искусување голема тага нема креација!? Поточно, тагата, осаменоста, отфрленоста од социјалното опкружување, сиромаштијата, неостварените љубови се активатори за депресија. Но да потсетам дека депресијата може да биде и ендогена (неповрзана со околинските промени) и токму таа е генетски пренослива. И не само композиторите, големи писатели и поети завршиле со самоубиства токму поради тешки депресивни кризи.
Во каква состојба на умот биле музичарите во таквите моменти, што е она што ја влечело генијалноста од нив?
– Креативноста налага и истрајност во наоѓањето решенија поврзани со одредени проблеми, како и ментална мобилност за наоѓање нови приоди и перспективи. Притоа, секако дека постои и ризик, па затоа е потребна подготвеност за прифаќање можен неуспех од предложените решенија. Но мислам дека најбитна е внатрешна мотивираност/нагон за активност и токму таа донесува радост, задоволство и предизвик за работа. Ако се вратиме на композиторите, тогаш кај нив постоеле сите гореизнесени предуслови за креативност. Но особен поттик била големата тага што ја доживувале во моментите на креацијата. Па зарем нивната музика не ни го покажува токму тоа? Слушајте ги Чајковски, Григ, Брамс и многу други и низ мелодиите можете да ги почувствувате силните напливи на тага и силните емоции…
Големите идеи се раѓаат кога мозокот одмора. Какви примери бележиме за овој феномен?
– Навронауката покажала дека најголемите идеи, решенија на проблеми, како и музички фрази биле активирани токму во периодите кога мозокот одмора, или поточно кога човекот спие. Сонот ја регенерира мозочната физиологија, се репарираат невронските мрежи. Потврдено е дека кај многу научници „светилката“ за решение на некој проблем им светнала токму кога спиеле. Сонот е посебна енигма во науката. Иако се знаат разните периоди на сон, сѐ уште сонот не е доволно истражен од невронаучен аспект. Да не заборавиме дека токму толкувањето на соништата било основа за психодинамската теорија на големиот Сигмунд Фројд.
Зошто во денешниот свет недостигаат врвни уметници од вакви размери?
– Моето лично мислење е дека високата технологија ја задушува креативноста! Телевизијата, компјутерите, мобилните телефони имаат полезен ефект на современиот динамичен живот, но од друга страна го „затапуваат“ човекот! Па зарем не гледаме дека обичната комуникација помеѓу луѓето стана толку редуцирана што сите стануваме алиенирани/отуѓени. Нема контакти, нема изразување емоции, нема допир, нема погледи, воздишки. Сѐ е технологизирано, сѐ е на копче, но далеку од нашата душа. Тоа се потврдува и низ кризата во креативните остварувања. Јас не среќавам, или многу ретко среќавам, добри романи, добри цртежи, добра музика, сѐ е некако хибридно, агресивно, без емоции. Или накусо, да, современата креативност во уметничката сфера (ако воопшто постои) – го менува својот изглед.
Чудни прашања се наметнуваат сега, дали отсуството на заразните болести како туберкулоза или сифилис е причина за просечност меѓу уметниците, политичарите, лидерите?
– Истите прашања и мене ми се наметнуваат. Ако нема болести, ако нема сиромаштија, ако нема тага, отфрленост од општеството, ако нема силна емотивна реакција, дали тогаш ќе има креативност? Дали пандемијата на ковид-19 провоцираше некакви креативности? Или, пак, донесе уште поголемо отуѓување и затворање во себе? Или, пак, технолошките достигнувања се толку високи и достапни што не оставаат место за емоциите? Впрочем, секој од читателите нека бара сопствени одговори. Јас на крајот повикувам да се слуша музика, да се комуницира со другите луѓе и да се покажуваат сопствените емоции, само така ќе останеме луѓе во вистинската смисла!