Фото: Зоран Антоски

Културно-туристичката манифестација „Велигденски кули“ и годинава се одржа во Македонски Брод на втор ден Велигден, пред голем број на посетители и на која покрај локалните жители присуствуваа и граѓани од соседните општини дури и од странство.

Уникатноста на оваа културна манифестација е причина што таа наскоро се очекува да биде ставена под заштита на УНЕСКО.

– Велигденските кули се производ на едно време од пред три века, кога локалното население било угнетувано од поробувачот и му било забрането да ги слави верските празници. Потикнати од нехуманиот однос на Османлиите, авторитетите од овој регион одлучиле да го посетат султанот и со седум капи златници да откупат еден празник во годината кого ќе можат слободно да го празнуваат – рече директорката на Домот на културата Милена Стојческа, под чија закрила се организира овој настан и посочи за кој празник се одлучиле жителите од ова населено место.

Фото: Зоран Антоски

– Броѓани го избрале втор ден Велигден и како доказ за непокорот одлучиле да формираат Велигденски кули од човечки тела. Бројот на кулите секогаш е непарен а бројот на лицата кои ќе ги формираат овие кули секогаш е константен и изнесува 10, поточно 5 лица во долниот ред фатени рамо до рамо и 5 качени на нивните рамења и така со песни ги носат кулите по една иста, многувековна патека, по нагорнината до сред село – истакна Милена Стојческа директор на Домот на културата во Македонски Брод, и додава, дека првиот ред ги симболизира поробувачите Османлии а горниот ред македонското население, неговиот непокор и желбата за слобода.

Фото: Зоран Антоски

Директорката додаде дека, кулите секогаш ги прават само припадници од локалното население, додека гостите можат да бидат единствено посматрачи. Оваа манифестација била предмет на интерес и на етнолози од странство.

Денешниот настан беше збогатен и со настап на седум културно-уметнички друштва од земјава. З.А.