Од Сараево за „Нова Македонија“,
Екатерина Лазаревска
Александра Лашкова
Сараевскиот филмски фестивал (СФФ) започна со проекцијата на филмот „Триаголник на тагата” на шведскиот режисер Рубен Естлунд”. Токму нему, вон официјалната церемонија за доделување на највисоките награди на СФФ, му беше врачено признанието „Почесно срце на Сараево”.
Заблагодарувајќи на честа да биде дел од сараевскиот спектакл, Естлунд истакна дека „токму фестивалите се тие што овозможуваат филмовите да бидат гледани на различен начин, иако имаат иста содржина”.
На јавна сцена, гласно одекна неговото прашање „зошто сите сме парализирани тогаш кога доаѓаат екстемни ситуации“?!
„Триаголник на тагата” е сатира што ги отсликува класите во општеството, преку собитијата на еден манекенски пар во тек на одвивањето на недела на модата во Милано. Филмот е сниман по сценарио на Естлунд, а е во шведско-француско-британско-германска копродукција.
На годинешново 28-мо издание на СФФ, ќе бидат прикажани 230 филмови од 62 држави, а за највисоката награда на СФФ, „Срцето на Сараево” во натпреварувачкиот дел, ќе конкурираат 51 филм.
Свечената церемонија за доделување на наградите „Срцето на Сараево” за ТВ-серии ќе биде одржана вечерва во 19 часот. Најавено е присуство на голем број ѕвезди на регионалната актерска сцена. Настанот е под покровителство на „БХ Телеком“, а водител ќе биде Тарик Филиповиќ.
Наградите „Срцето на Сараево“ за ТВ-серии ќе се доделуваат во две категории: за драмски серии и за комедии.
Стручното жири, кое се состои од повеќе од 400 филмски професионалци од регионот, годинава на СФФ ќе разгледа 17 серии од Босна и Херцеговина, Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово и од Словенија.
Номинирани за наградите „Срцето на Сараево“ за ТВ-серии се: „Адвокадо“, „Беса 2“, „Блок 27“, „Црна свадба“, „Чудни љубови“, „Долина Рож“, „Клун“, „Паркот на Ленин“, „Луд, збунет, нормален“, „Кал 2“, „Мркомир Први“, „Нечиста крв“, „Подрачје без сигнал“, „Тивки браќа“, „Убијците на мојот татко 5“, „Тишина“, и „Време на Зло“.
Во категоријата драмски серии ќе се доделат осум награди: за најдобра драмска серија, најдобра главна женска улога, најдобар главен актер, најдобра женска епизодна улога, најдобра машка епизодна улога, најдобра режија, најдобро сценарио и за „ѕвезда во подем”.
Во категоријата комедија се доделуваат шест награди: за најдобра комедија, најдобра актерка, најдобар актер, ѕвезда во подем, најдобра режија и за најдобро сценарио.