Визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски ќе имаат самостојна изложба во галеријата „Грал“, која ќе се отвори утревечер, во 21 часот. Апостолоска Саздовска ќе се претстави со проектот „Алтум силентиум“ што ги презентира актуелните и визуелни истражувања на авторката во сликарството паралелно со цртежот. Во нејзините дела таа ги истражува правата на имигрантите и го дефинира видот уметност што се создава за да постои во одреден политички момент, со што врши потенцијално политичко и општествено влијание врз самото уметничко дело.
– Целиот проект содржи длабок постконцептуален пристап, со цел да се „разјасни“ дека уметноста понекогаш не мора да има значење сама по себе, туку да дејствува како столб на тековниот експеримент и како дијалог во една поголема уметничка парадигма. Како концептуална уметница, Пандора Апостолоска Саздовска го сведува материјалното присуство на делото на апсолутен минимум. Инспирирана од секојдневната рутина, таа ги користи текстот и бројките за да изрази своевидна фрагментација на реалноста како критика на општеството во кое живееме – се вели во најавата.
Скулпторот Сашо Саздовски ќе го претстави проектот со наслов „Синергија“, кој е дел од истражувачката серија на скулптури во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло-темно, природно-вештачко, движење- спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност.
– Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат цел да го презентираат научноистражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата – стои во најавата.