„Трн“ – документ за човек што од својот живот прави уметност

Никола Пијанманов, уметник, сценарист

Новиот македонски документарец „Трн“ на Никола Пијанманов (сценарио и режија) и Столе Ангелов (кинематограф и монтажер) беше прикажан на затворањето на годинашниот „Астерфест“. Филмот е суптилна и моќна филмска приказна за актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков-Трн.

Која беше првичната идеја да се сними документарен филм за актерот Стојан Велков-Трн?
– Првичната идеја е на театарскиот режисер Дејан Ангелов. Трн е актер што ги игра главните улоги во неговите претстави, па оттаму и таа органска поврзаност меѓу нас, пред сѐ како екипа, како уметнички соработници, но и како блиски пријатели што делат исти ставови за естетските, социјалните, културните, па и политичките феномени. Зародокот на идејата беше да се документира борбата на овој современ Ганди, кој сам секојдневно протестираше на струмичкиот плоштад, со молк, со громогласен молк, би рекол, со залепена уста, стоејќи и пркосејќи им на елитите и корпорациите што сакаат да ја пеплосаат чудесната струмичка котлина, активирајќи го планот за ископ и обработка на тешки и смртоносни метали во срцето на најплодната земјоделска почва на Македонија.
Како се одвиваше реализацијата на филмот?
– Процесот беше долг, спонтан, но и планиран. Филмот се работеше речиси две години. Од целиот материјал, филмот на крајот си ги доби своите 55 минути времетраење. Музичкиот композитор Ставро Ангелаков го врза целиот материјал со извонредните звуци и музика, кои беа компонирани за претставата „Каин“. Реализацијата не беше воопшто тешка, затоа што феноменот Трн веќе беше и е жива материја, од која требаше само да се зграпчи драматичната приказна што веќе ја имавме. Колку автентични ликови истекуваат пред нас, ги одминуваме, колку малку твориме дела за големите ликови и борци на нашето современие. Недостигаат, премногу недостигаат овие екранизации за ликови од нашата уметничка средина, нешто што престанало да се прави од времето на славната документаристичка продукција на МТВ.
Низ целиот филм се провлекува внатрешниот монолог на Трн…
– Само во делот „Молк“ тој стои во целосна тишина меѓу незаинтересираната толпа на градскиот плоштад и со запечатена уста протестира против суровиот капитализам. Во делот „Бунт“, Трн е исправен како водич на слободоумни луѓе што протестираат против подмолната партизација и корупција во културата, вирусот од кој не можеме да се прочистиме со децении. Департизација на културата е мотото што го води во бескомпромисна борба со системот и нефункционалните застоени институции. Во деловите „Земја“ и „Дом“, тој е целиот внесен во коренот на својата природа и живот. Човек од природата што сака да ги разбере и пренесе законитостите на природата и чистотата на земјата врз своите деца и фамилија. Борец што со свои раце ја прави обновата за која се залага во платформите на еколошката револуција. Тој е самиот пример за идејата. Неговиот дом е оазата, простор на смирението, оган и најмногу светлина што му дава смисла за секојдневната борба што ја води со светот што личи на една голема театарска сцена. Самиот тој во еден монолог вели: „Не влегувај во борба ако не си спремен да загубиш сé!“