Полските студенти се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик, кој на Шлезискиот универзитет можат да го изучуваат од најосновното рамниште, а еден дел од нив продолжува со изучувањето на повисоки рамништа. Затоа, на вториот циклус студии, часовите по македонски јазик се одвиваат интензивно, на значително високо рамниште, а на универзитетот има и докторанди по македонски јазик. Но веќе се создаваат и нови перспективи – со заеднички проект за модерни славистички студии на Шлезискиот универзитет (Полска), Остравскиот универзитет (Чешка Република) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), поддржан со програмата „Еразмус плус“. Како резултат на овој проект, веќе ќе може да се очекува и зголемување на интересот за македонскиот јазик, литература и култура на вториот циклус студии на Шлезискиот универзитет.
Овие информации доаѓаат од лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, Полска, по повод значајниот јубилеј што ќе се одбележи во текот на претстојната академска година – 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице. Овој јубилеј е конкретен показател и за повеќедецениската соработка на Шлезискиот универзитет и УКИМ, важна и за македонистиката и за полонистиката.
Остварувањата од изминатите децении и создадените нови перспективи обврзуваат соработката и содејството во афирмацијата на македонистиката не само да продолжат туку и постојано да се развиваат, како и поддршката за развојот на полонистиката во нашата земја.
Лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет функционира од академската 1987/88 година, на Катедрата за славистика при Факултетот за хуманистика во Сосновјец, а во моментов лекторската настава ја изведува Никола Илиевски.