Стрип-центарот на Македонија – Велес е дел од проектот „КАН фор Балканс – Комик алианс нетворк фор Балканс“, кој се одвива од 1 март 2021 до 31 март 2023 година. Истиот тој е финансиран преку програмата „Креативна Европа“ од Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA) – Брисел, како дел од повикот Консолидација на културната соработка и конкурентноста на културните и креативните индустрии во Западен Балкан (EACEA 39/2019).
Освен македонскиот стрип-центар, партнери во овој проект се Белгискиот стрип-центар Брисел – Белгија, Националниот историски музеј (НХМ) – Тирана – Албанија, здружението на љубители на стрипот и пишаниот збор „Никола Митровиќ Кокан“, Србија, Стрип-центарот на Македонија од Велес и Историски музеј на округот Брашов, Романија.
– Стриповите треба да бидат со опфат на секој историски период, од праисториското време и антиката до современиот период. Како лица во приказната можат да се изберат познати историски ликови или анонимни лица. Стриповите може да се фокусираат на херојски чинови, како и на традиции, културни, економски, спортски или општествени настани. Накратко сè што спаѓа под историски стрип и се фокусира на балканската историја, а авторите се охрабруваат да пристапат на оваа тема обидувајќи се да се фокусираат на она што го спојува балканскиот свет, а не на она што го дели – информираат од Стрип-центарот на Македонија од Велес.
Меѓународниот стрип е отворен за уметници насекаде во светот. Апликантите треба да имаат најмалку 18 години. Секој апликант може да поднесе најмногу два стрипа. Делата треба да бидат во формат А3-табла, минимална резолуција: 300 дпи, за да се овозможи печатење на А2-формат.
Стриповите се поднесуваат преку наменскиот дел на веб-страницата: www.canforbalkans.eu, најдоцна до 17 јули 2022.
Апликацијата ги содржи стрип-делото и формуларот пополнет со дополнителни информации.
Делата треба бидат на англиски или на еден од јазиците на партнерите во проектот (албански, француски, македонски, романски, српски) и да ја следат темата на повикот.
Има неколку придобивки за уметниците. Доколку е избран, уметникот има можност за објавување на трудот во онлајн платформата на проектот, објавување на трудот во проектниот каталог на англиски јазик, изложување на делото на меѓународни изложби организирани во периодот меѓу октомври 2022 година – март 2023 година: Романија (Меѓународен историски стрип-фестивал во Брашов), Албанија (Национален музеј на Албанија – Тирана), Белгија (Музеј на стрип-уметност – Брисел), Србија (Училиште за стрип – Лесковац), Република Македонија (Стрип-центар на Македонија – Велес), како и можност за присуство на овие изложби.