Под покровителство на Бигорскиот манастир, Здружението на граѓани „Брезовец“ Тресонче, Општина Маврово и Ростуше, како и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) на 3 септември ќе започнат активностите на Третата малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“.

Свеченото отворање на Школата ќе биде во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во селото Тресонче. Поздравни обраќања ќе имаат проф. д-р Сашо Цветковски, научен раководител на Школата и проф. д-р Ненад Макуљевиќ од Филозофски факултет во Белград, како и Медат Куртовски, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше.

Освен денот на отворање, школата е од затворен карактер со научно истражување на македонската уметноста, архитектура и култура во Тресонче и мијачкиот крај со цел документирање и зачувување за идните генерации.

Активностите на Школата ќе се одвиваат од 3 до 7 септмеври 2022 година во село Тресонче, во околните села на Мала Река и Бигорскиот манастир. Едукативните и научно-истражувачките активности на Школата ќе ги следат повеќемина учесници, кустоси и научни соработници од музеите и научните институции во Македонија, како и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.