Досега се прикажани околу 360 премиери и одиграни над 7.500 претстави, кои ги гледале над 1,7 милион луѓе
Театарот „Војдан Чернодрински“ прослави 74 години од формирањето, од денот кога завесата се кренала на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Годишнината е одбележана со изведбата на најновата претстава „Стапица за глувци“, според текст на Агата Кристи, во режија на младиот и талентиран режисер Борис Василески, во која се говори за тоа дека секој мисли дека неговата перспектива е правилна. Но што е, всушност, вистината?
Низ годините различните генерации на актери ределе премиери едноподруго, имало и падови, но и успеси на театарот. Досега се прикажани околу 360 премиери и одиграни над 7.500 претстави, кои ги гледале над 1,7 милион луѓе. Најгледаната и најиграна, изведена стопати, е „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, па потоа „Од кол на кол“, во режија на истиот режисер.
Голем успех театарот постигна и со претставите „Тапани во ноќта“, „Кавкаскиот круг со креда“, „Швејк…“, во режија на Мартин Кочовски, со „Силјан Штркот“ според Цепенков, во режија на Бранко Ставрев, потоа „Кумови“, „Собирен центар“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Колобан“, „Молам за секс“… Белег во повеќедеценискот растеж на театарот дале и претставите „Спиро Црне“ од Б.Р. Платнар, во режија на Владимир Милчин, „Колобан“ од Блаже Алексоски, во режија на Љубиша Георгиески, „Арсениј“ од Б.Р. Платнар, „Полковникот птица“ од Христо Бојчев и „Опера за три гроша“ од Брехт, и двете во режија на Владо Цветановски.
Претстава што привлече најголемо вниманието не само на македонската туку и на балканската публика е „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е „Кавкаскиот круг со креда“, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс понто“ во Љубљана, Словенија. Десетина награди има освоено на МТФ „Војдан Чернодрински“. Театарот во земјава го има приматот на куќа во која се даваат праизведби на текстови од македонски драмски автори. Од 2004 година работи во состав на ЦК „Марко Цепенков“. Ка.М.