Вечерва се отвора 64. „Охридско лето“

Светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, вечерва, во 21 часот, во Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинашното 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Оваа светска музичка ѕвезда ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонијата, а наедно ќе се претстави и како диригент. На програмата се познатиот Концерт за виолина и оркестар во Е-мол оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.

Џулијан Рахлин, инаку, за првпат настапи со Македонската филхармонија во 2017 година, на Божиќниот концерт што се одржа на 7 јануари напладне.
Виртуозот на виолина Џулијан Рахлин е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристијансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките, кои критиката ги оценува како исклучителни, ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи „Дојче грамофон“, „Сони класикал“ и „Ворнер класикс“. Рахлин е исто така и баран диригент низ светот. Во изминатите неколку сезони настапува со симфониските оркестри во Чикаго, Бирмингем, Виена, како и со Европскиот камерен оркестар, Кралската филхармонија во Лондон, Израелската филхармонија, филхармониските оркестри во Осло и во Хелсинки, Кралската филхармонија во Ливерпул и Берлинскиот концертхаус-оркестар.

Како виолинист, пак, застанува на сцена со некои од најпрестижните светски оркестри и диригенти. Музичките фестивали на Рахлин ја рефлектираат неговата пасија кон обединување на изведувачите и публиката во заедничко славење на музиката и уметноста. Често соработува со имиња како Марта Аргерич, Евгениј Кисин, Жанин Јенсен и Миша Мајски, а неговиот фестивал „Рахлин и пријателите“, кој се одржуваше повеќе од една деценија во Дубровник, беше светски признаен. Од 2021 година Рахлин е уметнички директор на фестивалот „Хербстголд“, кој се одржува во палатата „Естерхази“ во Ајзенштад, Австрија. Свири на виолината „екс-либиг“ изработена од Антонио Страдивари во 1704 година, како и на виолина изработена од Лоренцо Сториони од 1785 година, инструменти што му се дадени на користење од приватната фондација „Ангелика Прокоп“.

Античкиот театар, Долни сарај, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, како и центарот за култура „Григор Прличев“ и годинава ќе бидат локациите на кои ќе се случуваат најголемите уметнички настани од денеска до 20 август. Ќе пречекаме над 500 уметници од 24 земји. Уметничката програма конципирана од селекторката Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 неповторливи доживувања, од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации и по една изложба и промоција на книга. Репертоарот на класичната музика ќе донесе звучни имиња, меѓу кои пијанистот Бери Даглас од Велика Британија, гитаристот Герхарт Рајхенбах од Германија, како и француско-белгиското дуо на виолончело и пијано Ками Тома и Џулиен Брокал. На програмата ќе биде и светски познатиот гитарист Влатко Стефановски. Роденденот на „Охридско лето“ на Долни сарај ќе се прославува со спектакуларен настан, со салса-ансамблот „Меркадонегро“. Годинашното „Охридско лето“ ќе донесе разнолика театарска авантура, разноликост во стиловите, формата, естетиката и драматургијата и на ова издание ќе има три премиерни изведби. Првата премиера на „Охридско лето“ ќе се случи на 22 јули со претставата „Галеб“ на Битолскиот народен театар, а во режија на Багријана Попов. По ова, на 28 јули, следува уште една премиера на Шекспировата „Крал Лир“ во продукција на „Лит мун тиатар“ од Калифорнија, САД, а во копродукција со Финска, Ерменија, Македонија.

Претставата е режирана од Џон Блондел. Третата премиера е од театарот „Џинот“ од Велес на 30 јули. Се работи за претставата „Рацин“, работена според делото на нашиот непослушен комунистички романтичар, по драматизација на Сашо Димовски, а режија на Дејан Пројковски. Фестивалот ќе ги донесе и театарските претстави „Безгрешна“ со СНГ драма од Марибор, „Лет над кукавичиното гнездо“ со Драмскиот театар – Белград, стендап-шоу на српскиот и холивудски актер Никола Ѓуричко, како и претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во продукција на Југословенскиот драмски театар – Белград, која ќе ја спушти завесата на годинашното фестивалско издание. В.Д.