Светската премиера на филмот „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски ќе се случи на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ), кој ќе се одржи од 24 октомври до 2 ноември. Фестивалот во Токио е на А-листата, заедно со Берлин, Кан и Венеција, најголем е во Азија и еден од најголемите во светот. „Кајмак“ ќе се прикаже во Токио во официјалната селекција за награди. Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак“ ќе продефилираат на црвениот килим во Токио и ќе учествуваат во два разговора со публиката. Манчевски ќе одржи и специјален мастерклас за јапонската стручна публика и за студенти.

Во 1995 г., Јапонија првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор што ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а сите негови филмови се исклучително почитувани. Всушност, во Азија не само македонската кинематографија туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа, се директно поврзани со филмовите на Манчевски.
– Првиот пат кога бев во Токио го држев во раце „златниот лав“ од Венеција на Куросава (за „Рашомон“) и видов дека дизајнот на лавот се разликува од мојот – организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие триесетина години што поминале. Сега одам да проверам дали е сè во ред со лавот од Токио – изјави Манчевски.

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември.