Броња Жакељ, словенечка писателка

Очекував дека ќе се чувствувам непријатно поради тоа како се изложив и ја раскажав мојата многу интимна приказна во мојата книга. Но реалноста е сосема поинаква. Книгата живее свој живот, а јас мој, вели Броња Жакељ

Броња Жакељ (1969) е дипломирана новинарка по образование. Нејзината радост заради пишувањето останува некаде меѓу страниците на списанијата и во редакциите на дневните весници, па својот прв професионален ангажман ѝ е во секторот маркетинг, а денес работи во секторот банкарство. Со оглед на тоа што во финансиите нема многу креативност, а нејзината љубов кон пишувањето никогаш не ја напушти целосно, одлучува да го напише својот прв роман, „Бело се пере на деведесет“, за кој ја добива престижната книжевна награда „Кресник“. Жакељ, која живее и работи во Словенија, деновиве престојуваше во Скопје, како гостинка на јубилејното 10. издание на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, а ја промовираше својата книга „Бело се пере на деведесет“ во книжарницата „Литература.мк“, во издание „Арс либрис“.

„Бело се пере на деведесет“, каква симболика носи насловот?
– „Бело се пере на деведесет“ е последната реченица што мајка ми ми ја кажа пред да умре кога имав 14 години. Тоа ми се чинеше како најдобар можен наслов за мојот роман. За мене, секако, тоа не е само домаќински совет што ми го кажа мајка ми во еден тежок делириум. Исто како што треба да ги исперете вашите бели алишта на деведесет за да бидат чисти, треба да го дадете најдоброто од себе, треба да ја дадете сета моќ што ја имате кога сте сериозно болни, ако сакате да излезете жив. А белата боја како симбол тече низ мојот наратив во многу интимна перспектива – ја закопавме мајка ми во нејзината нова бела блуза, нејзиниот гроб беше бел. Лицето на татко ми беше бело кога виде енормно зголемени лимфни жлезди на мојот врат, бела беше болницата, нејзините кревети, маси, чаршафи и дамките во моите бели дробови. И смртта е исто така бела. И нејзината тишина и нејзината светлина.

Решивте детството и целиот животен пат да ги ставите меѓу корици. Беше ли тешко да се отвори внатрешниот интимен свет пред читателите?
– Очекував дека ќе се чувствувам непријатно поради тоа како се изложив и ја раскажав мојата многу интимна приказна во мојата книга. Но реалноста е сосема поинаква. Книгата живее свој живот, а јас мој. Со своето објавување, додека седи на полиците во библиотеките, книжарниците, домовите на луѓето, книгата се оддалечи од мене и воспостави одредена дистанца. И јас немам апсолутно никаков проблем со фактот дека читателите знаат толку многу за мене, додека јас практично ништо не знам за нив. Правев многу интервјуа и книжевни вечери, но никогаш не се чувствував непријатно што сум изложена на ваков начин.

Меѓу редовите на вашиот роман го доловувате напорот за припитомување на стравот, па како се прави тоа?
– Кога ќе добиете тешка дијагноза, најважно е да ја прифатите. Да се соочиме со фактот дека тоа е вашиот рак и дека е дел од вас, дел од вашето тело. Ако го прифатиме, ќе биде наше, ќе биде скротено, ќе ни биде познато и нема да нѐ плаши толку многу. Многу луѓе се обидуваат да го истиснат од својот живот фактот за ракот, но иронично, истиснувањето само го продлабочува стравот од него. Знаете, како и со секоја друга работа што ја прифаќате како своја, станува полесно да се соочите отколку со нешто непознато или туѓо. Прифаќањето на нешто што мислев дека е невозможно да се прифати ми даде внатрешен мир. Не станува збор за откажување, туку за мир. Постигнување еден вид спокојство. Исто така, важно е да ги споделите и изразите чувствата, секакви чувства што ги имате, исто така и негативните и запоставените. И, секако, имајте некој, барем еден, што слуша, разбира. Но, знаете – болеста е осамен пат и треба да бидете способни да ја носите сопствената тежина до одреден степен. Медицинските сестри ги исклучуваат светлата, посетителите си одат дома, а ноќите се долги. Треба да најдете мир некаде во себе.

„Бело се пере на деведесет“, всушност, е роман за растењето, за животот…
– Да, романот е грубо поделен на два дела. А првиот дел се однесува на растењето во Југославија за време на доцниот социјалистички период. Живеевме во мал стан во Љубљана со кујна, која секогаш беше жива и полна со луѓе што готват, печат, фрлаат коцки и играат карти. Имавме многу посетители што доаѓаа ненајавено и понекогаш дури и не тропаа. За мене ова беше време на сигурност, безусловна љубов и елементарна среќа и сето тоа ми помогна да ја држам главата над водата кога сè почна да оди наопаку. И има уште една работа – пораснав во колоритна средина, што се гледа во романот, и политиката беше дел од нашите животи. Разговаравме и коментиравме за тоа што го гледаме на телевизија, горе-долу гласно, секој со свое мислење. Во моето семејство имаше секакви верувања, а моето искуство е дека треба да се живее со разлики. Затоа сè уште сум против каков било вид исклучување на другите. Апсолутно го отфрлам тоа.

Како ја доживеавте Македонија и какви впечатоци собравте за нашата книжевна сцена?
– Прв пат сум овде во Македонија, со нетрпение очекував да дојдам и се надевам дека ќе можам да видам барем некои делови од Скопје. Дефинитивно ќе се вратам за подолго, можеби следното лето да ја видам убавината на вашата природа. Последната книга што ја прочитав од македонски автор беше „Мојот маж“ од Румена Бужаровска и ми се допадна. И иако не е поврзано со литературата, ме воодушеви македонскиот документарец „Медната земја“. Апсолутно прекрасен документарец.