Македонскиот игран филм „Сeстри“ во режија на Дина Дума во текот на февруари ќе биде прикажан во неколку града низ земјава, и тоа: Скопје – Кинотеката на Северна Македонија, Св. Николе – Киноверзумот, и Охрид – НУ центар за култура „Григор Прличев“. Светската премиера беше минатата година во август на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, додека македонската премиера се случи на 42. ИФФК „Браќа Манаки“, каде што филмот на Дума го отвори фестивалот. Филмот беше и национален претставник за најдобар странски филм. Досега е прикажан на 20 интернационални фестивали, а ја освои и наградата за најдобар игран филм од младинското жири на фестивалот „Екс – граунд“ во Висбаден, Германија.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцентка на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.