Кристијан Рахимовски во Крушево

Кристијан, синот на Аки Рахимовски, дојде во татковината

Кристијан Рахимовски, синот на неодамна починатата музичка легенда Аки Рахимовски, деновиве престојуваше во Македонија, поточно во Крушево и во Скопје, каде што дојде по многу години. Ни рече дека чувствата му се измешани, дека чувствува неизмерна тага по ненадејното заминување на неговиот татко, но истовремено е и среќен што дошол во Македонија по долго време. Кристијан има 41 година и глас многу сличен на оној на Аки. Затоа не треба да нѐ зачудува што и тој е пејач, досега има издадено два албума, а последниот, „Стопала“, планирал да го промовира и во Македонија.

Дојдовте во Македонија по многу години, какво ви беше чувството кога стапнавте на земјата каде што е роден вашиот татко?
– Во Македонија сакав да дојдам и пред пандемијата и да го промовирам новиот албум „Стопала“. Но поради целокупната ситуација, моравме да запреме со сите активности. Мојата сегашна посета, за жал, е по повод ненадејната смрт на мојот татко и исклучиво од семејни причини. Почувствував силна потреба, како син и внук, да дојдам да ја видам мојата баба и да бидам со своето семејство од страната на татко ми. Тоа наедно е и моја должност. И, еве, сега седам во центарот на Скопје, врне снег, а во мене есента царува, како што пееше Аки. Емоциите ми се помешани со доаѓањето во мојата прататковина. Чувствувам и тага и среќа истовремено, би сакал сѐ да е поинаку, да можам со мојот татко, да седнам да се напијам кафе, да разговараме, да пееме.

Најдовте време да ги посетите и Крушево и Спомен-куќата на Тоше Проески. Го познававте ли лично?
– Татко ми многу го сакаше Тоше, го обожаваше, а знам дека и Тоше него бескрајно го почитуваше и не треба повеќе ништо да се каже за нивниот однос. А Тоше и јас се запознавме во 2006 година во студиото „Ред лајт“, а алката што нѐ поврза беше нашиот заеднички автор Миро Буљан. Се сеќавам на нашата прва средба, не си пруживме рака, туку се прегрнавме и си рековме: „Кај си братко“. Иста година сме родени и имавме слични гледишта за музиката, па веднаш се зближивме. Имаше уште некои средби, кога се дружевме. Многу ми е тешко да зборувам за него. Ме боли уште, но сигурен сум дека сега тој и татко ми на небото заедно пеат и понекогаш ќе фрлат поглед на мене и на сите нас што секогаш ќе ги сакаме.
Има ли уште нешто, освен извонредните гласови, што ги поврзуваше Аки и Тоше?
– Освен прекрасните гласови и љубовта кон музиката, кон сцената и двајцата имаа огромна љубов кон луѓето и неизмерна добрина. Публиката го чувствуваше тоа и им го враќаше. Тоа е прекрасно чувство, кое и јас го чувствувам на моите концерти, магично е тоа постојано дарување позитивна енергија.

Аки Рахимовски го држи во прегратка синот Кристијан

Како се справувате со напливот на емоции периодов, ви успева ли некако да најдете мир?
– Сето ова што ми се случува ми изгледа нестварно, како да сум во некој полусон. Но животот е таков, безмилосен, но и убав, некогаш застрашувачки, во мојот случај непредвидлив од денот кога се родив. Би излажал кога би рекол дека во моментот во душата чувствувам мир, таа повеќе наликува на немирно море. Боли помислата дека веќе немам еден од родителите, тешко ми е да се помирам со тоа.

Имате многу сличен глас со оној на Аки, дали можеби на некој концерт на „Парни ваљак“ би се качиле на сцената за да отпеете некој од нивните многубројни хитови?
– Останаа песните на Аки и на „Парни ваљак“, не само за мене туку за сите нас, и секогаш ќе нѐ потсетуваат на некои убави времиња. Понекогаш ќе ги запеам, можеби и на концерт со групата, но сега ми е уште тешко да зборувам за тоа.

Посакувате ли во блиска иднина да одржите концерт во Македонија?
– Многу би се радувал да се случи тоа, бидејќи Македонија е дел од мојата животна сложувалка што ми недостига, за да бидам цел и душата да ми се смири.

Со Тоше се викавме братко, вели Кристијан