Изминатите четири години, почнувајќи од 2019 година, се забележува позитивен тренд во пораст на бројот на посетителите на Саемот на книгата, како и на продажбата на изданија, што, според анализите, произлегува и од пандемиските години, истакнуваат организаторите на првиот фестивал на книгата

Првиот фестивал на книгата на отворено, пред СЦ „Борис Трајковски“, кој завршува денеска, се одржа под мотото „Скопје чита!“, а посетителите преку посета на фестивалот и набавка на омилената литература уживаа во богатата понуда. На фестивалот на книгата се претставија триесетина издавачки куќи со изданија од голем број домашни и странски автори, стручна литература, научна и белетристичка литература, книги за млади и за деца. Годинава, ова е втор саем на книгата од ваков размер, што навестува дека сѐ повеќе има расположение за читање, за купување книги, дека има размрдување на книжевната сцена.
Идејата за организирање фестивал на книгата потекна од заедничка иницијатива на членки на Македонската асоцијација на издавачи и организаторот на Саемот на книгата, а со поддршка на Здружението на албански издавачи.
– Откако оваа година Саемот на книгата се врати во редовниот пролетен термин, а периодот на почеток на септември се покажа за мошне поволен за издавачите и поради големиот одзив на посетата во претходните две години, произлезе иницијатива за фестивалско издание. Во таа насока, сега за првпат се организира фестивал на книгата на кој се претставуваат околу 30 издавачи од Македонија со изданија од голем број домашни и странски автори, стручна литература, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца. Од друга страна, Саемот на книгата, со својата 34-годишна традиција и меѓународен карактер го задржува приматот на една од најголемите и најпосетени културни манифестации на Македонија, а фестивалот претставува негово дополнување.

Изминатите четири години, почнувајќи од 2019 година се забележува позитивен тренд во пораст на бројот на посетителите на Саемот на книгата, како и на продажбата на изданија, кое според анализите произлегува и од пандемиските години – истакнуваат организаторите на Првиот фестивал на книга.
Посетителите оваа година можеа да уживаат во богатата понуда на книги од различни жанрови, во пријатна атмосфера со добра музика.
– Во рамките на фестивалот беше организирано специјализирано катче за читање со убава и опуштена атмосфера за непосредна дружба со домашните автори. Идејата е овој фестивал да прерасне во традиционална манифестација – дополнуваат тие.
Според Ненад Стевовиќ, издавач и косопственик на „Или-или“, пандемијата ја откри позитивната септемвриска читачка вибрација.
– Изминативе пандемиски години саемот се одржуваше на отворено во септември и сите бевме позитивно изненадени и од посетата и од убавата атмосфера. Оваа година Саемот на книгата се врати во редовниот пролетен термин во затворено, но, еве, обид и да се продолжи со позитивното искуство од отворените саеми. Ќе видиме дали може да опстојуваат – посочува Стевовиќ.


Никола Гелевски: Пред издавачите стојат крупни организациски задачи

Никола Гелевски, главен уредник на издавачката куќа „Темплум“, е критичен во однос на манифестацијата и смета дека „фестивал“ не треба да се прави на овој начин, туку многу посериозно.
– Овој „фестивал“ е евтин панаѓур, направен на паркинг, под валкани церади, без каков било посериозен труд и влог. Македонското издаваштво несомнено напредува што се однесува до квантитетот и квалитетот на изданијата. Но организациски е на шокантно ниски нивоа. Таков е целиот македонски јаден капитализам: во некои погони, соби, подруми… некои луѓе црнчат триста на саат, произведувајќи вредности. Тие луѓе, се чини, не се многу. Но организацијата, инфраструктурата, логистиката, видливоста… се на запрепастувачко ниско ниво. Пред издавачите стојат крупни организациски задачи. Како и пред целото општество, впрочем – категоричен е Гелевски.