Фото: Макфакс

Разрешениот директор на Водовод, Златко Перински на прес-конференција се правдаше дека нема причина да го тргнат од функцијата, а таму беше и градоначалничката Данела Арсовска која го тврдеше спротивното.

Тој посочи дека обвинувањата на неговата надредена се паушални, а таа ја правдаше својата одлука со објаснување дека тој е нетранспарентен. Според неа, спорно било што Перински не ги сменил членовите на комисија кои биле дел од проект за пречистителна станица како што сакала таа. Перински пак, објаснуваше дека во фазата во која се наоѓал проектот, тоа не можело да биде направено, но и дека веќе имало промени во комисијата со согласност на европските банки кои финансираат.

– Да не си играме со паушални обвинувања, затоа што ова може да го загрози проектот за кој државата добила 72 милиони евра. Зошто сум разрешен? Можеби градоначалничката ќе додаде. Јас апелирам дека ги отфрлам сите обвинувања кои ги прочитав во медиумите – кажа Перински.

Тој пред Арсовска, рече: „ние интерно можеме што сакаме да си кажеме, но со европски банки не можеме да си играме“.

Постои можност, поради јавно објавени информации кои се тајни и за кои треба посебни сертификати за доверливост, Македонија и Град Скопје да го изгубат грантот.

– ЕБОР се загрижени од саботата бидејќи се пласираа доверливи информации во јавност. Ниту јас, ниту друг субјект, нема право, ако нема изјава за доверливост, да учествува во ова. Затоа банките се загрижени. Утринава јас разговарав, ама не знам што ќе се случува во иднина. Ова се кредити кои ние како граѓани треба да ги вратиме. Има ризик да го изгубиме грантот – додаде Перински.

Тој ѝ порача директно на Арсовска која му најави кривична пријава „ако не ми поднесете кривична пријава, и кажувам пред вас, дека ќе треба да ми се извините“.

Арсовска посочуваше дека тој можел да ги смени членовите на евалуационата комисија. Перински и реплицираше „овие се елементарни непознавања градоначалничке“.

На крајот од прес-конференцијата, Арсовска му се налути на Перински: „Јас не сум му другарка од маало, се знае како се комуницира со претпоставен“, бидејќи тој ѝ рече да си ги провери мејловите, дека била поканета на секоја средба со европските банки, каде детално се претставувале извештаите за проектот кој го финансираат.