Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“ го слави својот 10-годишен јубилеј, со колективната изложба „10 години Јадро – сè уште оправдано присутни“, која ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во просториите на асоцијацијата. Станува збор за непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа што се стреми да ги зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократизација во културата и пошироко, во општеството и граѓанскиот сектор.
– Веќе една деценија, платформата здружува организации, поединци и неформални групи, кои континуирано обезбедуваат видливост и општествена релевантност на независниот културен сектор преку застапеност на програмски активности, застапување за стабилен развој на секторот, јакнење на неговото влијание во општествениот контекст и развој на алтернативни културни практики на национално, локално и регионално рамниште. Затоа оваа изложба, овој 10-годишен јубилеј, ја слави работата на членките, кои дејствуваат во различни културни сектори и заеднички се застапуваат за слободно, одговорно и критичко промислување во јавната сфера – велат од „Јадро“.
Изложбата „10 години Јадро – сè уште оправдано присутни“ е колаж што ja обединува и претставува дејноста на културните работници здружени во оваа асоцијација, кои секојдневно имплементираат современи културни практики и будно, јасно и смело се обидуваат да укажат на нужноста од критичко промислување на социокултурниот контекст и на нужноста за демонополизација на културата и уметноста.