Изложбата „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“ во Националната галерија, објект „Даутпашин амам“, ќе може да се види и да се посети до 29 февруари. Кураторки на изложбата се Маја Неделкоска–Брзанова, кустос-советничка, и Маја Чанкуловска–Михајловска, виш кустос.
– Одбележувајќи го 90-годишниот јубилеј од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989), еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност, нашата цел е интегрално презентирање на неговото богато творештво. Досегашните истражувања и анализи, кои ги сумираме на едно место, односно негово критичко и научно валоризирање како автор што оставил свој специфичен белег во одредени општествени услови, упатуваат дека Ристо Калчевски зазема исклучително место во развојот и афирмацијата на македонската современа уметност, оставајќи посебен белег и преку долгогодишната педагошка дејност – посочуваат од Националната галерија.
Дефинирајќи го како еден од најзначајните претставници на енформелот кај нас, појавата на Ристо Калчевски се случува токму во еден период особено значаен за македонската ликовна сцена, средината на 50-тите години од минатиот век, односно во услови кога слободата на уметничкото творештво станува незапирлив процес во осовременувањето на ликовниот израз. Тој ѝ припаѓа на генерацијата ликовни уметници образовани на некои од југословенските ликовни академии. За првпат неговите дела биле изложени пред јавноста по дипломирањето во 1957 година, на една групна изложба во Прилеп. Критичката јавност овие дела ги дефинира како плод на синтетичкиот кубизам, во кои е евидентна „карактеристична скратена пиктурална еволуција“. Усогласените строги односи ги нагласуваат геометризирани линии, кои ги обликуваат формите и плановите на предметите, елиминирајќи ја играта светло – сенка и валерските решенија.
Вистинскиот почеток на неговиот творечки развоен пат претставува вклучувањето во групата „Мугри“, во 1960-1961 година, соодветно на новите стилски тенденции во неговото творештво, каде што асоцијативното го обликува појавното во сликата. Првата самостојна изложба во 1961 година (заедно со Драгутин Аврамовски-Гуте) го дефинира веќе неспорно како автор чие творештво му припаѓа на апстрактното сликарство.
Последните негови остварувања, пред крајот на неговиот живот, од крајот на 80-тите години, само навидум отскокнуваат во однос на неговите претходни ликовни размислувања. За нив е карактеристичен педантен рафинман, грижливо нијансирање на тоновите, кои се поставени дводимензионално, преку збрчакни и наслоени парцели, во кои авторот истовремено воведува и разновидни цртачки или колажни интервенции. Тие се надоврзуваат на почетоците во неговото творештво, реинкарнирајќи ги првите лирски моменти во неговите последни остварувања.
– Колористичката експресија е примарна, наспроти композицијата и структурата, кои се редуцирани, иако некогаш густо пастуозно нанесената боја до состојба на релјефност укажува на потребата да се задоволи елементот на пластичност во ликовното дело. За Калчевски бојата е ликовен знак, но таа има и свои пиктурални особености, со што ѝ дава значење со феноменолошки карактер.
Неговите слики се апстрактни, но без видлива агресивност. Тие содржат извесна нежност, како резултат на нијансирањето на монохормните површини. Воочливо е дека кај Калчевски сликата е резултат на „умерена автоматска постапка и аналитички аспект“. Ваквиот став е резултат на пристапот кон сликата како аналитички процес, кој опфаќа расчленување на исти или различни сликовни полиња и нивно поврзување во целина – додаваат од Националната галерија.
Следејќи го распонот на ликовната мисла на Ристо Калчевски, можеме да заклучиме дека неговото творештво има сопствен специфичен контекст во развојот на македонската ликовна мисла, контекст што и денес сѐ уште предизвикува нови, севкупно и одделно, продлабочени слоеви на исчитување. С.Ј.