Фото: Пиксабеј

Таканаречените добри бактерии или пробиотици ја обработуваат храната во цревата, но и ги потиснуваат штетните видови бактерии и вируси и ги разградуваат токсичните материи. Урамнотежената цревна микрофлора е неопходна за здравје и виталност.
Поради неправилна исхрана, стрес, лекови (особено антибиотици) и нездрави навики, како што се пушењето и прекумерното консумирање алкохол, често се нарушува рамнотежата на цревната микрофлора. Вашата цревна микрофлора можете да ја доведете во рамнотежа со соодветно избрана исхрана.

Јогурт
Секако, најпознатиот извор на пробиотици за пошироката јавност е овој вкусен млечен производ. Истражувањата покажаа дека пробиотиците дури и помагаат во ублажување на симптомите на нетолеранција на лактоза. Исто така, помагаат при проблеми со гасови, дијареа и други проблеми на дигестивниот систем.
Ако навистина сакате, можете да платите повеќе за јогурт што содржи специфични пробиотици, но доволно е да консумирате производ на кој пишува дека содржи „активни бактериски култури“.

Кисела зелка
Киселата зелка или свежата зелка е богата со витамин Ц, како и со пробиотици, без кои нашето варење би престанало да функционира. Исхраната богата со кисела зелка се препорачува за луѓе што страдаат од гастроинтестинални проблеми и не можат да ги сварат млечните производи, како што е јогуртот.
Супа од мисо
Супата што се јаде за појадок во Јапонија е одличен избор за почеток на денот. Мисо-пастата, која се користи за приготвување на оваа нискокалорична супа, е богата со пробиотици и витамин Б, како и со вредни антиоксиданси.

Кефир
Според легендата, овчарите во планините на Кавказ, кои ја делат Југоисточна Европа од Азија, откриле дека млекото што го носеле со себе ферментирало во пенлив пијалак. Густ, кремаст и зачинет како јогурт, кефирот содржи уникатни соеви на пробиотски бактерии и неколку корисни сорти квасец.

Леб со кисело тесто
Следниот пат кога ќе направите сендвич, обрнете внимание на видот на лебот што сте го избрале. Имено, лебот со кисело тесто содржи пробиотик што го олеснува варењето.

Ацидофилно млеко
Еден од наједноставните начини за внесување на пробиотиците во организмот е консумирањето на овој вид млеко, кое се ферментира со бактерии. Матеницата е исто така богата со пробиотици.

Темпех
Приготвена од ферментирана соја, оваа индонезиска храна содржи еден вид природен антибиотик, кој му помага на телото да се бори против одредени бактерии. Темпехот е исто така богат со протеини. Има одличен вкус, кој потсетува на пушена храна, јаткасти плодови и печурки. Можете да го маринирате и да го користите во јадења наместо месо.

Пребиотици наспроти пробиотици
Додека храната богата со пробиотици содржи живи култури, пребиотската храна ги храни добрите бактерии што веќе живеат во цревата. Аспарагусот, артичоката, бананите, овесната каша, црвеното вино и медот се одлични извори на пребиотици.