Голем број на љубители на уметноста на ликовниот уметник Ванчо Кеков, особено
неговите акверели, беа присутни синоќа на отворањето на неговата ретроспективна изложба во Музеј-галерија во Кавадарци со која одбележува 40 години творештво. Во трите салони на галеријата беа изложени шеесетина дела работени во изминативе децении од кои најмногу акварели.
За неговите сограѓани Ванчо Кеков е ликовен уметник и ликовен педагог кој во акварелното сликарство успешно ги чекори стапките на познатиот уметник од Кавадарци Никола Баснарков и мајсторски ги отсликува питомит и топли пејзажи од Тиквешијата и неговото Моклиште каде се наоѓа неговите дом .Неговите акварели ја раскажуваат тишината на летното пладнување, спокојот на одморот и хармонијата на природата која се отсликува во водата.
Гоце Божурски во текстот за каталогот Ванчо Кеков и неговото акварелно сликарство го дефинира на линијата од љубопитен авантуристички обид до доследна професионална изграденост.
– Секој што ќе си постави цел за совладување на акварелната техника и во таа насока ќе преземе конкретна активност, мора да се признае дека е меѓу најодбраните и истата личност со сигурност поседува персонални, ментални, духовни и творечки способности. Несомнено е дека такви особини поседува Ванчо Кеков, кој е меѓу ретките пасионирани автори со вистинска вљубеничка посветеност на акварелот. Освен, желбата, решеноста и академските поуки, несомнено е дека авторот мошне студиозно пристапил кон разни осознавања поврзани со практицирањата во оваа област, кон стекнувањето на знаења поврзани и со досегашната продукција низ епохите, пред се оние остварувања во современата уметност кај нас и во светот. Одредени квалитативи во опусот на Кеов се наоѓаат во спрегата на интуитивните, личните и поетските аспекти во релација со лирско-реалистичката компонента. Во оваа пригода важно е да се одбележи дека неговиот сликарски израз се движи во рамките на конвенционалниот третман на акварелната структура, а подобрите резултати се во творбите во кои е остварена поголема слобода, поизразита спонтаност, непосредност, разиграност, растрепереност и живахност – вели Гоце Божурски.
Свое обраќање на отворањето на изложбата имаа директорот на музејот Јаким
Зимоски и кустосот Трајче Цветков. Ми.М.