„Прличеви беседи“

Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“, библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид распишува Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на нашиот патрон, големиот поет и преродбеник Григор Прличев, на темата „Чувај се себеси“. Познато е и од неговата „Автобиографија“ дека Прличев најчесто држел беседи пред охриѓани. Токму под насловот „Чувај се себеси“ Прличев на крајот од една учебна година кога учителствувал во Охрид ја кажал оваа беседа, а подоцна во 1866 година ја објавил во весник.
Текстот е особено интересен по тоа што во него Прличев, кој инаку се застапувал за архаизиран литературен јазик, обраќајќи се кон своите сограѓани се служи со чист охридски говор. Од него можат да се извлечат повеќе корисни податоци за изучувањето на градскиот охридски говор во минатиот век.
– Со конкурсот што го распишуваме трета година по ред сакаме да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот израз. На конкурсот можат да се пријават млади автори од 15 до 30 години. Беседата не смее да биде поголема од 3.000 збора, не смее да содржи политичка, етничка и верска содржина, туку треба да носи универзална порака за мир, љубов, соработка и претходно да не е публикувана. Комисијата ќе ја оценува нивната уметничка, јазична и естетско–етичка содржина. На авторот на најдобрата беседа, кој со посeбeн примерок ќе го докаже авторството, ќе му бидат доделени парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев, а ќе му бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи“ во февруари 2025 година – велат организаторите.
Конкурсот е отворен до 15 јануари 2025 година.