Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Мозочниот удар често се смета за опасност што ги демне постарите лица, но тој е алармантно чест кај помладите мажи, кои изгледаат совршено здрави. Медицинските експерти предупредуваат дека овој загрижувачки тренд не е случајност, туку резултат на модерниот начин на живот, кој е исполнет со стрес и нездрави навики. Во Велика Британија веќе објавија податоци, според кои, бројот на мозочни удари кај мажите помлади од 39 години е зголемен за речиси 25 отсто во последните 20 години. Спротивно на тоа, случаите кај жените во иста возрасна група се зголемиле за само еден процент. Во периодот 2004-2005 година, мажите сочинувале повеќе од половина од случаите на мозочен удар во оваа група, додека во 2023-2024 година тој процент порасна на речиси две третини. Мозочниот удар е четврта водечка причина за смрт во Велика Британија, со 38.000 смртни случаи годишно и оставајќи илјадници преживеани со трајни последици. Овој тренд е забележан и во други земји, што укажува на глобален проблем.
Што предизвикува мозочни удари кај младите? Мозочниот удар се јавува кога снабдувањето со крв во мозокот е прекинато, што предизвикува оштетување на мозочните клетки. Постојат две главни причини: исхемичен мозочен удар, предизвикан од згрутчување или масни наслаги што ги блокираат крвните садови и хеморагичен мозочен удар, кој настанува поради пукање на крвен сад во мозокот, поради што тече крв.
Експертите посочуваат дека клучните фактори за зголемување на мозочните удари кај младите мажи се следните: нездравата исхрана – брза храна, преработена храна и многу масти, кои предизвикуваат формирање масни наслаги во крвните садови; прекумерното консумирање алкохол – големи количества алкохол може да го зголемат нивото на хормон што ги стеснува крвните садови и го зголемува ризикот од згрутчување на крвта; високото ниво на стрес – современото темпо на живот и професионалните тензии често доведуваат до висок крвен притисок, главната причина за мозочен удар; недоволната физичка активност дополнително ја влошува состојбата на крвните садови; пушењето го забрзува процесот на артериосклероза, односно таложење масни наслаги во артериите; нарушувањата како атријална фибрилација (неправилно чукање на срцето) често остануваат неоткриени кај младите луѓе и значително го зголемуваат ризикот од мозочен удар. Симптомите на мозочен удар лесно се занемаруваат. Раното препознавање на симптомите на мозочен удар е клучно за спречување сериозни последици. Сепак, многу млади луѓе игнорираат знаци како што се: ненадејна вкочанетост на едната страна од телото, ненадејна вртоглавица или губење рамнотежа, проблеми со голтање или пелтечење во говорот.