Емилија Тасеска, архитектка и планинарка

Изработувате топографските карти, кои всушност се уметнички слики. Станува збор за проект насловен „Подари планина“. За што точно станува збор?

– Проектот го започнав во време на пандемијата, а настана како спој на мојата професија, архитект, и на моето хоби, планинарењето. Преку комбинација на овие две пасии, создавам разни рачни изработки на тема планини, користејќи дрво, платно, акрилни бои, хартија и кожа. Еден од новите производи се топографските мапи. Идејата за нивна изработка се појави како обид да го претставам урбанизмот на една планина. Како архитектка, секојдневно се среќавам со урбанистички планови на градови и архитектонско-урбанистички проекти. Ако урбанистичките мапи од урбаните средини ги сведеме на улици и објекти, односно на полно и празно, ќе го видиме отпечатокот на градот. Како што секој град има свој препознатлив отпечаток, така и планините се препознатливи по својата топографија. Секој човек има свој личен отпечаток на прст, секој град има свој личен отпечаток на урбанизам и секоја планина има свој личен отпечаток на терен. Во трите случаи нема да се сретнат две исти копии.

Како ќе ги опишете овие топографските карти, акрили на платно?
– Овие мапи се уметничко пресликување на планинскиот урбанизам. Според топографијата на планината да може да се препознае за кој врв станува збор. Како што секој град има различна, единствена и уникатна мапа, така и планините се разликуваат по својот терен, пресликан преку висинските коти и изохипси. Висинските коти се апсолутни висини, односно надморски висини, на точки од теренот. Изохипсите се линии што ги поврзуваат сите точки со иста надморска висина. Со тоа се добиваат топографските мапи и релјефот на еден терен. Описот на мапите е според нивната локација, во зависност од тоа што опфаќаат: врв, долина, карпи, скијачки терени итн. На топографските мапи е важно да се доловат теренот и препознатливите обележја за таа локација. Тоа што во урбаните средини се улиците, во планините се планинарските патеки. Тоа што за градовите се објектите, за планините се карпите и дрвјата. Тоа што во градот е центар, на планината е врв.

Што, всушност, прикажуваат сликите?
– Сликата ги претставува надморските висини и теренот на една планина. Доколку планините ги гледаме урбанистички, ќе ја забележиме нивната препознатлива топографија. Процесот на сликање е преку користење дигитални мапи, кои јас како планинарка ги користам кога се движам во планина. На нив се добро обележени теренот и патеките за движење. Тие дигитални податоци ги пренесувам рачно на платно, со користење акрилни бои. Процесот на изработка на топографските слики почнува со подготовка на заднината. Во зависност од тоа дали е еднобојна или во повеќе бои, користам соодветни алатки (четка или шпакла). Шпаклите како алатка овозможуваат акрилните бои да се обработат како релјеф и сликата да биде тридимензионална. Откако ќе се исуши заднината, рачно ги исцртувам изохипсите, една по една.

На кои детали особено внимавате?
– На картите задолжително ги пишувам висините на изохипсите од теренот. Внимавам линиите на изохипсите да ги доловам колку што може најдобро до реалната мапа, бидејќи преку нив се согледува каде теренот е стрмен, а каде е поблаг. Искусните планинари знаат да читаат теренски мапи и, според таа градација на изохипси и напишани надморски висини, знаат да прочитаат за кој врв се работи. Исто така, ги опфаќам и планинарските патеки што поминуваат низ теренот. На тој начин, оној што ќе има една од овие уметнички слики во својот дом, ќе може да се присети по кои патеки се движел. Мапите ги изработувам и по нарачка, така што може да се вметнат и персонализирани детали, како спомен од планинарењето на тоа место.

Кои планински мапи ги имате пресликано на платно?
– Првиот врв што го насликав беше врвот Магаро на Галичица, 2.255 мнв. Го насликав на црна заднина со бели изохипси, бидејќи таа комбинација на црно-бело ми беше најблиску до архитектонски цртеж. Потоа почнав да експериментирам со различни бои за заднината и црни линии за изохипси, бидејќи сфатив дека со црните линии најдобро се претставува теренот на планината. Досега ги имам насликано повеќето од нашите популарни врвови: Антена (Пелистер), Титов Врв со Мал Турчин, Љуботен, Солунска Глава, Крстовар (Водно), Меденица, Голем Кораб, Плат, Среден Камен и скијачките терени во Маврово, кои не се врв, но ги изработив како планинска мапа. Моментално на ред чека Кобилица, а понатаму можеби некој врв од Хималаите. Би било интересно да се види разликата во топографијата на некој наш и некој хималајски врв.