Кинотеката на Македонија деновиве ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“, снимен во далечната 1952 година, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“. „Фросина“ и „Мирно лето“ на Димитрие Османли минатата година беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска.
– Дигитализацијата на македонските играни филмови е една од основните активности на нашата институција, која е единствена институција во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство, па Кинотеката деновиве го подготвува за објавување и изданието на дигитално реставрираната верзија на „Фросина“, исто така на блуреј-диск – велат од Кинотеката.
Исто така, во рамките на одбележувањето на овој 70-годишен јубилеј од првиот македонски игран филм, на 28 јуни (вторник), во Кочани, во библиотеката „Искра“, со почеток во 20 часот, ќе се одржи изложба на фотографии од филмот, проследена со пригодно предавање и дискусија за неговото значење во историјата на македонската кинематографија.

„Фросина“ e првиот македонски долгометражен игран филм, по сценарио на писателот Владо Малески, а во режија на Војислав Нановиќ. Премиерата била одржана на 28 јуни 1952 година, во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника, на 35 мм лента, со времетраење од 79 минути. Жанрот на филмот е социјална драма за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на една мајка што го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски… Продуцент на филмот е „Вардар филм“, директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија е Трајче Попов.
Режисерот Војислав Нановиќ, кој има македонско потекло, од Дојран (роден е во Скопје, каде што го поминал детството), веќе бил потписник на два долгометражни играни филма, „Бесмртна младост“ и „Волшебниот меч“ (митската приказна за Баш-челик) во српската/југословенската кинематографија. Нановиќ, пред снимањето на „Фросина“, бил на неколкумесечен студиски престој во Лондон, каде што специјализирал филмска режија и каде што колега му бил еден од најзначајните автори на европскиот филм во 20 век, шведскиот режисер Ингмар Бергман. Сценариото за филмот го напишал писателот Владо Малески, кој подоцна посведочил дека претходно немал никакво искуство во пишување сценарија и дека тоа за него било директен влез во занаетот.