Во издание на издавачкиот центар „Три“ излезе од печат новиот роман на познатата авторка и поетеса Наташа Сарџоска, насловен „Живот без сведоци“. Ова е втор роман на Сарџоска, по „Трамонтана“, кој се вбројува меѓу најдобрите романи за 2021 година и беше во тесна конкуренција за роман на годината.
Промоцијата на „Живот без сведоци“ ќе се одржи вечерва, со почеток од 19 часот, во „Филхармонија-бар“, а негов промотор ќе биде авторката и професорка Маја Мухиќ. Низ разговор со авторката, на публиката ќе ѝ биде претставен романот што ни ги отвора очите за дел од стварноста пред кој често замижуваме. Посегнувајќи по нови теми, Сарџоска стилски нè навраќа кон извонредните делови од „Трамонтана“ и уште еднаш ни докажува дека прозата е уште една нејзина силна страна.
Венко Андоновски го опиша романот како „кревок, срамежлив, ранлив, а истовремено страстен, бурен и возбудлив“. Тоа е доволен поттик за посета на оваа промоција, која ќе ни ја заокружи годината на домашната книжевност со одлично дело од богатата ризница на македонски автори.