Новата сликовница „Танцот на шарените шамичиња“ од познатиот писател и книжевник Александар Прокопиев ќе биде промовирана вечерва, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“, во „Скопје сити мол“. Илустрациите се на Сања Симоска, а уредничка на книгата е Оливера Ќорвезироска.
Сликовницата, која е во издание на „Либи“, импринт на „Арс ламина – публикации“, е дел од новата едиција „Љубов на прв збор“.
Приказната во „Танцот на шарените шамичиња“ почнува кога едно свилено шамиче ќе ѝ се налути на мајка си и тргнува низ светот да бара дете на кое му тече носот…
Низ лирска алегорична приказна за шамичето, кое доживува брза и ненадејна слава, а сепак мечтае да си остане тоа што е, авторот ги соочува децата со фантазиите и сништата за иднината, поддржувајќи ги да мечтаат, но и подучувајќи ги никогаш да не се откажуваат од себе, од своите блиски и од тоа што во суштината се.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.