По повод одбележувањето на 79-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, в недела, во 20 часот, Амбасадата на Италија, во соработка со Еврејската заедница на Република Македонија, ќе организира проекција на филмот „Ѕвездено небо над римското гето“ (2020 г.), во режија Џулио Базе. Филмот, кој е преведен на македонски јазик, ја раскажува приказната за една девојка, Софија, студентка по виолина и ќерка на меѓународно познат пијанист, која еден ден на таванот од нејзиниот дом открива потресно писмо и стара фотографија од девојчето Сара, родено во 1939 година, кое е Еврејка и чие семејство било брутално убиено во нацистичкиот логор Биркенау. Софија, заедно со група пријатели (двајца христијани како неа и тројца Евреи), решава да ја истражи и да ја реконструира приказната за тоа мало девојче. Откривањето на вистината ќе изнесе шокантна реалност.
Амбасадата на Италија, в понеделник, на 14 март, во 17.30 часот организира и онлајн средба со режисерот Џулио Базе, кој исто така во филмот се јавува и како глумец, на која ќе присуствува и претседателот на Еврејската заедница на Република Македонија.