Драмскиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“ вечерва ќе ја донесе театарската претстава „Декамерон“ од Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, а во изведба на НУЦК „Марко Цепенков“ -Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Претставата ќе се одигра на „Долни Сарај“ со почеток од 21 часот.

Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта. Ова е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон“ е претстава полна со живот, но за жал, секојдневието не е такво.

Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска-Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски,Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

Драматизацијата е на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, сценографијата на Филип Јовановски, а костимографија е дело на Јулијана Војкова-Најман. Музиката е дело на оркестарот на Театарот „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада.

Театарската претстава „Декамерон“ трае два часа и 30 минути и е наменета за целата публика.