Фото: Илустрација/ Пиксабеј

На светските берзи на нафта и минатата недела порасна цената на барел нафта, седми пат по ред, постигнувајќи го најдолгиот тренд на раст од почетокот на 2022 година, откако Меѓународната агенција за енергетика (IEA) предупреди на сè повеќе намалено снабдување.

На лондонскиот пазар цената на барелот брент порасна за 0,5 отсто, на 86,81 долар, а за толку порасна и цената на барелот на американскиот пазар, завршувајќи ја неделата на 83,19 долари, пренесе „Хина“.

Последен пат цената на нафтата порасна седум последователни недели во периодот јануари-февруари 2022 година, во пресрет на почетокот на руската инвазија на Украина.

Порастот на цената на нафтата беше поддржан од оценката на ИЕА објавена во петокот дека во јуни глобалната побарувачка на нафта достигна рекордни 103 милиони барели дневно, а во август може да достигне ново рекордно ниво.

Во својата месечна прогноза, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ги повтори своите проценки за годишната побарувачка на нафта, очекувајќи раст од 2,25 милиони барели дневно во 2024 година, во споредба со 2,44 милиони барели дневно во 2023 година.

На страната на понудата, производството значително забави во последниве месеци, поради доброволните намалувања на производството во Саудиска Арабија и Русија.

ОПЕК и неговите сојузници, колективно познати како ОПЕК +, почнаа да ја намалуваат понудата на крајот на 2022 година за да го зајакнат пазарот, а во јуни ги продолжија намалувањата до 2024 година.

Доколку се задржат тековните цели на ОПЕК +, залихите на нафта би можеле да паднат за 2,2 милиони барели дневно во третиот квартал и за 1,2 милиони барели дневно во четвртиот квартал, што потенцијално ќе поттикне ново зголемување на цената, предвидува ИЕА.