Фото: МНТ

Со премиерната изведба на претставата „Народен непријател“ од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ на 9 мај на големата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ), ќе се одбележи и денот на Европа.

-Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман.
Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. „Народен непријател“ отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај?Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно – информираат од МНТ.

Фото: МНТ

Драматург е Тамара Барачков, а дел од актерите во претставата се Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви, Мартин Ѓоргоски.