Премиера на „Дупло дно“ во „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

„Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија, дизајн на сцена и костими на Наташа Поплавска, е новата претстава што театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе на матичната сцена, вечерва, од 20 часот.
Драмата „Дупло дно“, Горан Стефановски ја пишува во 1983 г. нарекувајќи ја „пасија во три става и кода“ што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер наспроти системот, отелотворен во ликот на министерот за култура. Различните општествени позиции тој ги изложува преку дебата и спротивставени ставови за смислата на уметничкото творење, а ликовите на уметникот Јаков, министерот за култура Божо, неговата сопруга домаќинката Параскева, нивната депресивна ќерка, балерината Кристина и специјалниот советник Нове ги става во апокалиптична иднина, лудо минато и револуционерна сегашност. Стефановски иако делото го завршува со кода, тој не ни дава разврска, туку ги остава нивните позиции непроменливи, а ја отвора дилемата колку и како уметничката стварност кореспондира со реалноста.

Режисерката Наташа Поплавска во „Дупло дно“ од Стефановски го отвора прашањето како уметничката стварност денес кореспондира со реалноста. Таа го прикажува лажниот ангажман на уметниците што се борат за „уметничката слобода“, а всушност се борат за позиција на министри за култура, со цел да ги задоволат своите лични интереси и заработки, така што чистата уметност станува памфлет за статус. Во целото лудило и безнадежност на постојано менување на власта и сквернавењето на хуманистичката линија кај уметникот, безнадежната балерина ја бара вистината за себе. Поплавска го следи Стефановски во идејата дека само оној што ќе успее да се спои со своето дупло дно може да создава вистинска уметност. Со својата режиска постапка таа се обидува да ја погледне драмата како реално шоу со музичка свита, ставајќи ја актерската игра пред камери, додавајќи музичари раководени од композиторот Ристо Вртев. Таа истовремено дава можна разврска на расправијата помеѓу уметникот и власта со поништување на претходните системи и идеологии, оставајќи надеж за уметноста преку ликот на депресивната ќерка, балерината Кристина на која ѝ се отвора можност да прерасне во вистинска уметница. Единствено таа ја започнува позитивната промена со новата заклетва за уметникот, кој не му припаѓа никому и стои на работ на ништо, што наедно е и последната реч на Стефановски за позицијата на уметникот во општеството.

Композитор на музиката е Ристо Вртев, драматург е Ивана Нелковска, за дизајнот на светлото е задолжен Милчо Александров, а авторка на плакатот е Бојана Артиновска-Трпческа.

Во претставата играат Катерина Клинческа Чакмакоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Михајло Миленкоски, а музичари се Томе Темелкоски, Методија Костоски, Ана Митоска и Филип Јездиќ.
Претставата финансиски е поддржана од Министерството за култура.
Инаку, на Поплавска ова ѝ е трета соработка со Прилепскиот театар.

Ка.М.