Фото: З.А / Илустрација

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека денеска се регистрирани 20-тина пожари на отворен простор од кои најголем дел се изгаснати. Останатите се ставени под контрола и се очекува да бидат изгаснати во текот на денот. Во гаснењето на пожарите денеска не се вклучени ер-тракторите.

– Пожар којшто беше видлив од подалеку и предизвика одредена вознемиреност кај граѓаните е пожарот на територија на Општина Струга. Конкретно, имавме два пожари на отворен простор – едниот е целосно изгаснат, а вториот е ставен под целосна контрола. Очекувам набргу и тој да биде изгаснат. Во текот на денешниот ден немаше побарувања за ангажан на ер тракторите – изјави Ангелов.

Во однос на состојбата со водата во Гостивар, Ангелов рече дека нема промени, односно водата сѐ уште не е за пиење бидејќи во некои од примероците земени од Институтот за јавно здравје сѐ уште има бактерии.

– Водата и понатаму е дозволена само за техничка употреба, но набргу очекуваме да биде прогласена за исправна. Хиперхлорирањето продолжува понатаму – рече Ангелов.