Во 2023 година меѓународниот театарски фестивал МОТ ќе го има 48-то издание, во периодот од 8 до 19 ноември. МКЦ неколку години внимателно ја следи и ја поддржува домашната независна театарска сцена, кај која во последниве неколку години се забележуваат континуирано и иновативно дејствување, креативност и оригиналност. Со цел посериозно да ја вреднува работата на независната театарска сцена, МКЦ/МОТ минатата година одлучи да организира посебна селекција за домашната продукција, а за најдобрата продукција да воспостави и награда – БИШ 2023.
Како и минатата година, наградата ќе ѝ се додели на најдобрата продукција во целост во периодот меѓу две фестивалски изданија, а ќе биде изразена преку копродукциско учество на МОТ во следното фестивалско издание со своите техничко-логистички и кадровски потенцијали и 3000 евра директно финансиско учество. Покрај главната награда, доколку се појави потреба, на фестивалското жири ќе му биде оставена можност по сопствено убедување да додели и друго специјално признание или награда.
Селекцијата на претставите ќе ја прави програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ, водејќи се од квалитетот на предложените проекти, но и расположливите техничко-организациски капацитети, а жирито ќе биде составено од меѓународна комисија. Наградата се доделува исклучиво за домашни продукции и мнозински домашни копродукции, а предност при селекцијата ќе имаат продукциите што доаѓаат од млади автори, оригинални, неконвенционални и иновативни продукции.
Домашните автори, трупи и продукции можеа да се пријават за учество на 48. МОТ најдоцна до денеска.